Сицилија се бори со невидена суша: Сточарите принудени да ги убиваат животните

од Илинка Илиоска
27 прегледи

Сицилија се соочува со невидена суша која трае веќе месеци. Италијанската Влада издвоји 20 милиони евра за помош на погодената област. Земјоделството, особено сточарството, е најпогодено.

Многу сточари се принудени да ги убиваат животните поради недостиг на храна и вода. Речиси два милиони жители се подложени на рационализација на питка вода, а шест од 29 вештачки езера се целосно исушени.

Поради ова, во многу општини граѓаните добиваат вода секој втор ден или се снабдуваат од цистерни. Последиците од тоа се големи штети за земјоделството, а во некои области сточарите се принудени да убиваат добиток за кој немаат ниту вода ниту храна.  Енио Бонфанати од Калтанисета истакнува дека ситуацијата оваа година е катастрофална и дека навистина мора да користи таков термин.

„Овде обично одгледуваме модар патлиџан, домати и пиперки, но оваа година – како што гледате – нема ништо затоа што немаме вода. Она малку вода што ја имаме ја штедиме за растенијата што најмногу страдаат, ја загубивме целата пченица“, се жали друг земјоделец.

Во февруари, гувернерот на Сицилија, Ренато Счифани, прогласи елементарна непогода, а италијанската влада во мај прогласи вонредна состојба бидејќи станува збор за една од најголемите суши што го погодија овој остров во последните педесет години. Деновиве Министерството за земјоделство на Италија прогласи состојба на екстремни временски услови на цела Сицилија, а регионот бара и посебен декрет што би се однесувал на континуирано намалување на водните ресурси во вештачките езера, што доведува до недостиг на вода за наводнување.

Се проценува дека годинава во однос на лани земјоделското и сточарското производство ќе се преполови.

Во наредните денови временската прогноза предвидува екстремно високи температури без врнежи, а во регионот Калабрија е прогласена вонредна состојба поради суша, а тоа ќе го направи и Сардинија.

Националната лига на задруги на јужните региони, попозната како „Легакоп“, која е најстарата и главна асоцијација за заштита и застапување на италијанските задруги, зборува за драматичната состојба во овие области, кои досега изгубија четири милијарди евра. како и 33.000 вработувања само во првиот квартал од оваа година предизвикана од сушата која се уште трае.

Слични содржини