На Европската унија ѝ треба патриотски пресврт за да ја врати изгубената конкурентност, безбедност и влијание на светската сцена, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
Појавата на „нова глобална политичка реалност“ и нов лидер на Запад – американскиот претседател Доналд Трамп – значи дека патриотите станаа глобално мнозинство, рече Сијарто на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Австриската Партија на слободата (ФПО) Кристијан Хафенекер, пренесува МТИ.
„Време е да се вратиме на основните вредности на демократијата во Европа, како и да се почитува волјата на народот, што е можеби најважната фундаментална демократска вредност“, рече Сијарто, пренесе Танјуг.
Тој посочи и дека е време да се стави крај на погрешното толкување на демократијата во Европа, што подразбира дека ако либералната партија победи на изборите, тогаш има демократија, а ако не победи, нема демократија.
Сијарто нагласува дека патриотските сили мора да играат водечка улога во „завршувањето на глобалната диктатура на либералниот мејнстрим“. „Причината зошто ние, патриотите, стануваме сè помоќни во Европа е затоа што ги застапуваме интересите на Европа и европскиот народ.
„Ние сакаме мир, додека либералите сакаат да ги спречите напорите за ставање крај на војната во Украина“, рече тој.
Додаде и дека патриотските сили се занимаваат со прашањето на миграцијата, која ја смета за клучна за безбедноста на Европејците, но дека либералите ги пуштаат мигрантите во Европа и дека последиците од тоа се видливи.
Тој, исто така, повика на енергетска политика заснована на здрав разум, наместо да се спроведе „идеологизиран зелен договор“, посочувајќи дека политиката на либералите доведе до скок на цените на енергијата. Патриотите, според него, сакаат меѓународна политика заснована на меѓусебно почитување и стремеж кон заедничка корист, а не на санкции. Сијарто конечно ги повика европските либерали да не попречуваат каков било договор меѓу Русија и САД.