Слика пронајдена на продажба во гаража е од Ван Гог, велат експертите

од Milan1
28 прегледи

Слика купена на гаражна распродажба во Минесота, според неодамна објавената експертска анализа, претставува уште еден досега непознат портрет на холандскиот уметник Винсент ван Гог, пишува Си-ен-ен.

Експертите, ангажирани од компанијата за истражување на уметноста „LMI Group International“, по детална анализа на ткаењето на платното, пигментите на боите и другите карактеристики, тврдат дека портретот го насликал самиот Ван Гог за време на неговиот престој во психијатриската болница на југот на Франција во 1889 година.

Сликата, која во 2016 година ја купил колекционер на антиквитети, има натпис „Елимар“ во долниот десен агол.

По четиригодишни анализи, експертите ја идентификуваа сликата со димензии 45,7 × 41,9 см како дело на Ван Гог. Станува збор за масло на платно што прикажува портрет на рибар со бела брада, кој пуши луле додека ја поправа својата рибарска мрежа.

Според „LMI Group“, овој портрет потсетува на слика од данскиот уметник Микел Анкер (1849–1927) и е еден од многуте „преводи“ на дела од други уметници што ги правел Ван Гог.

Истражувачите исто така пронашле влакна од коса во платното и ги испратиле на анализа. Иако било утврдено дека косата потекнува од маж, обидите за споредба на ДНК со потомците на Ван Гог биле неуспешни поради „деградираната состојба“ на примерокот, соопшти „LMI“.

„Интегрирајќи ја науката и технологијата со традиционалните методи на познавање, историски контекст, формална анализа и истражување на потеклото, нашата цел е да ги прошириме и приспособиме ресурсите достапни за автентикација на уметноста врз основа на уникатните својства на делата под наша грижа“, изјави Лоренс М. Шиндел, претседател и извршен директор на „LMI Group“, во соопштение за јавноста оваа недела, пренесе Си-ен-ен.

И покрај исцрпната анализа, Музејот на Ван Гог во Амстердам сè уште треба да потврди дали станува збор за оригинална слика на Ван Гог. Во декември 2018 година, кога претходниот сопственик се обратил до музејот, тие одбиле да ја верификуваат.

Сепак, групацијата LMI, која ја купила сликата во 2019 година, е уверена дека е оригинална.

„Откритието на претходно непозната слика на Ван Гог не треба да биде изненадување. Познато е дека Ван Гог изгубил многу дела, подарувал слики на пријатели и не бил особено внимателен со делата што ги сметал за студии, а такви имало многу“, се вели во извештајот.

Во своето соопштение, „LMI“ изјави дека сликата претставува „емоционално богато, длабоко лично дело создадено во последното и бурно поглавје од животот на Ван Гог“.

Холандскиот мајстор во текот на својот живот изработил околу 900 слики. Се верува дека страдал од комбинација на биполарно растројство и гранично растројство на личноста, иако овие болести никогаш не биле официјално дијагностицирани.

Во 2020 година, истражувачи од Универзитетскиот медицински центар Гронинген во Холандија изјавија дека веруваат дека Ван Гог доживеал две кратки психотични епизоди, кои веројатно биле резултат на делириум предизвикан од апстиненција од алкохол. Тие кризи се случиле откако во 1888 година бил примен во болница поради самоповредување – кога си го отсекол увото со брич.

Две години подоцна, во 1890 година, на 37-годишна возраст, Ван Гог извршил самоубиство.

Слични содржини