Главниот уредник на германскиот весник „Билд“, Џулијан Рајхелт, беше отстранет од функцијата по обвинувањата дека ја злоупотребил својата положба, објави издавачката куќа „Аксел Шпрингер“.
Компанијата наведе дека одлуката за замена на 41-годишниот Рајхелт во моментов стапува на сила и дека е донесена по нови информации за неговото однесување.
Рајхелт, една од најмоќните фигури во германските медиуми, беше накратко суспендиран од функцијата оваа година, но беше вратен откако компанијата „Аксел Шпрингер“, издавач на Билд, заклучи дека неговите постапки не се причина за отказ.
Во образложението на денешната одлука, компанијата наведе дека Рајхелт „јасно не ги оделил личните и приватните прашања“ од деловните, откако тоа било побарано од него по внатрешна истрага.
Рајхелт ја излажа истражната комисија за тоа, изјави издавачот и додаде дека него ќе го наследи 37-годишниот Јоханес Бои.
Отпуштањето на Рајхелт уследи откако „Њујорк тајмс“ вчера објави детали од внатрешната истрага против него, во која се наведува дека поранешниот моќен човек имал афера со новинарка која била на пракса.
Вчера исто така се дозна дека новинарите на конкурентската медиумска група „Ипен“ спроведуваат истрага против него и дека нивниот издавач Дирк Ипен спречи објавување на извештајот со нови откритија.
Во писмото, кое синоќа кружеше на социјалните мрежи, четворица членови на истражниот тим на групата „Ипен“ ја осудија нивната медиумска организација и самиот Дирк Ипен за одлуката да не го објави извештајот, на кој работеа со месеци. Писмото беше испратено во петокот, а извештајот требаше да биде објавен вчера.
Тие ги испитуваа наводите дека Рајхелт злоставувал вработени и ја злоупотребувал својата положба во однос на женскиот персонал.
Медиумската групација „Ипен“ ја бранеше одлуката да не го објави извештајот, повикувајќи се на фактот дека станува збор за конкуренција на Билд.
„Како медиумска групација што е во директна конкуренција со „Билд“, мора да внимаваме да не создадеме впечаток дека можеби сакаме да нанесеме економска штета на конкурентот“, велат од компанијата, која поседува бројни весници во Германија.
Групацијата „Ипен“ негираше дека претставниците на „Аксел Шпрингер“ извршиле притисок врз тоа прашање.
Четворица членови на истражниот тим „Ипен“ се жалеа во писмото за необјавување на извештајот, наведувајќи дека со тоа ќе излезат на виделина „нови и ексклузивни“ информации што темелно ги провериле.