Стојаноски: Ако сакате да го „нападнете“ загадувањето мора да имате план и ние се одлучивме тоа да го направиме со когенеративни централи

од Milan1
43 прегледи

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, вели дека аерозагадувањето е „тема која во изминативе десетина години се претвора во навика особено во зимскиот период, тема на која постојано се навраќаме“.

„Првично беше заради политички поени, па потоа се промени власта и видовме дека од тие најави за коишто тогашните владини министри сами си протестираа против себе, немаше ништо. Веќе после 7 години неправење ништо, истите тие кои во минатото ги оправдуваа тие мерки, а не беа соодветни, сега гледаме дека реагираат на оваа тема за којашто не велам дека не е суштинска и не треба нешто да се преземе“, рече Стојаноски во гостување на ТВ „Алфа“.

Тој вели дека врз основа на анализата која е направена, а покажува дека воздухот во Скопје, а и во останатите градови најмногу се загадува поради немањето друга алтернатива која ја користат граѓаните за греење освен огревното дрво, Владата размислува и настапува со јасна стратегија за „напаѓање“ на загадувањето.

„Ако сакате да го „нападнете“ загадувањето и да имате стратегија како тоа да го надминете, мора да имате конкретен план и ние се одлучивме тоа да го направиме преку инсталација на когенеративни централи. Тие се оние централи коишто произведуваат енергија на гас. Во Скопје има една таква, тоа е когенеративната централа „ТЕ-ТО“ којашто произведува електрична енергија, но и топлинска енергија и на тој начин да можеме да го завршиме процесот на гасификација и на топлификација на градот и да може таа алтернатива да стигне до што е можно поголем број на домаќинства, за да може да се замени огревот на дрва и на други материјали со овој начин на огрев и на тој начин за 60% да го намалиме загадувањето“, вели Стојаноски.

Наспроти изјавата на Стојаноски, „когенеративна“ не е секоја „централа која произведува енергија на гас“. Тоа е централа што не ја испушта, туку ја задржува топлината од производствениот процес, која потоа се користи за загревање на домови и јавни објекти. Когенеративните централи може да користат различно гориво за производство на струја, како јаглен, биомаса или органски отпад.

Според Стојаноски, „со оглед на тоа дека во изминатите години не е правено ништо по ова прашање, потребно е време како и партнери преку чие влегување на пазарот ќе може да се направат овие когенеративни централи со чија помош ќе се намалува загадувањето, не само во Скопје, туку и во другите градови од земјата“.

„Отворен е повикот кон партнерите, јас верувам дека ќе изнајдеме начин и тие партнери да ги привлечеме тука бидејќи водиме една пријателска политика кон сите оние коишто сакаат да вложуваат. Јас сакам да ја потсетам јавноста дека со гас и со загревање на ваков начин ние почнавме уште во претходниот мандат додека бевме на власт, конкретно за градот Битола каде што преку РЕК и таа енергија што се создава да успееме со гас да ја донесеме до Битола и на тој начин ќе продолжиме да се движиме и во градот Скопје“, вели Стојаноски.

Слични содржини