Студија: Европа има доволно земја за да ги зголеми проектите за соларна и ветерна енергија

од Илинка Илиоска
19 прегледи

Европа има доволно земја за да ги зголеми проектите за соларна и ветерна енергија без да го загрози производството на храна или природата, се вели во новата анализа на Европската агенција за животна средина (ЕЕБ) објавена денеска.

Според истражувањето, за декарбонизација на Европската унија до 2040 година е потребна само половина од земјиштето кое се смета за погодно за обновливи извори на енергија, со исклучок на природните резервати и земјоделските површини со висока вредност.

„Како што се интензивира дебатата за тоа каде да се постават нови соларни и ветерни електрани, студијата на ЕЕБ ги појаснува просторните барања за постигнување 100 отсто обновлива енергија во Европа на одржлив начин“, се вели во соопштението.

ЕЕБ проценува дека само 2,2 отсто од вкупното земјиште на ЕУ ќе бидат потребни за тековни и идни проекти за сончева и ветерна енергија, за да може ЕУ постепено да ги елиминира фосилните горива и нуклеарната енергија и да постигне климатска неутралност до 2040 година.

Според податоците на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, 5,2 отсто од земјиштето во ЕУ може да се смета за „погодно“ за развој на сончевата и ветерната енергија, врз основа на строги земјоделски, еколошки и технички критериуми.

Поголемиот дел од земјиштето погодно за одржлив развој на обновлива енергија е во руралните области, со 78 проценти за соларни PV системи на земја и 83 проценти за копнени ветерни електрани.

„Урбаните и индустриските области сами по себе не можат да ги задоволат сите потреби од соларен капацитет. Сепак, има многу деградирано земјоделско земјиште на располагање за проширување на сончевата енергија без нарушување на руралните економии.

Ова може да се направи во синергија со производството на храна и враќањето на здравјето на почвата“, рече ЕЕБ.

Во анализата се посочува дека покрај деградираните земјишта, обновливите извори на енергија можат да коегзистираат со земјоделството и природата.

„Интеграцијата на сончевата енергија со постојните земјоделски активности е можна преку стандарди за двојна намена како што е агросоларната централа“, се наведува во соопштението и се додава дека и земјите од ЕУ можат да ги исполнат целите за обновлива енергија и обновување на природата.

ЕЕБ укажува дека Германија и Италија немаат доволно земјиште погодно за обновливи извори ако се исклучат природните резервати и продуктивните земјоделски области, но дека од друга страна Шпанија и Романија имаат значително повеќе од нивните енергетски потреби.

Затоа, посочува ЕЕБ, неопходна е европска „супермрежа“ за поврзување на ресурсите, балансирање на дистрибуцијата на енергија и постигнување декарбонизација низ ЕУ преку соработка и намалување на отпадот.

Косимо Тансини од ЕЕБ изјави дека обновливите извори на енергија може да се развиваат без последици за снабдувањето со храна или природните живеалишта.

„Доказите сугерираат дека Европа има доволно земјиште за одржливо проширување на обновливите извори на енергија, исклучувајќи ги зоните богати со биодиверзитет и продуктивните земјоделски површини, особено во руралните региони“, рече Тансини.

ЕЕБ апелираше за континуирана поддршка од креаторите на политиките, инвестиции во инфраструктурата и активен ангажман со локалните заедници со цел да се создаде одржлива и праведна енергетска иднина.

Слични содржини