Надалеку е познато колку луѓето на различни начини ја загрозуваат природата. Сепак, дури и во обидите да и се помогне, се појавуваат предрасуди меѓу видовите.
Едноставно кажано, имаме фаворити, а тоа се одразува и во распределбата на средствата.
Имено, како што покажа едно ново истражување, финансиите најмногу се трошат на крупни, „харизматични“ животни, додека помалку „тренди“ видови остануваат запоставени.
Истражувањето беше спроведено од Универзитетот во Хонг Конг, кој анализираше речиси 15.000 проекти за зачувување на видовите помеѓу 1992 и 2016 година.
Во текот на 25-годишната временска рамка, светот инвестираше 1,93 милијарди долари во зачувување. За споредба, буџетот на НАСА е 25 милијарди долари – за само една година.
Ова ги наведе авторите до нивниот прв заклучок: финансиската помош за видовите е многу скромна.
Истражувачите всушност испитувале како ресурсите за зачувување се распределени меѓу различни живи организми. Тие го откриле следново: дури 82,9% од речиси две милијарди долари отишле кај ‘рбетниците.
„Врз основа на претходните студии засновани на литература, очекувавме пристрасност кон рбетниците, но, иако тоа беше вистина, откривме дека ситуацијата е многу полоша од претходно проценетата“, рече професорот Беноа Гинар, водечки автор на студијата.
Од друга страна, растенијата и безрбетниците добија само 6,6% од средствата поединечно, а габите и алгите со помалку од 0,2% од вложените пари беа речиси целосно изоставени од финансирање.
Очигледно, има омилени и меѓу рбетниците. Станува збор за цицачи и птици кои привлекле 85% од сите ресурси наменети за овие животни.
Но, разликите не застануваат тука… Пристрасноста е присутна и кај големите цицачи, во корист на слоновите и носорозите. Иако тие претставуваат само една третина од таа група, тие добија дури 86% од финансирањето.
Во меѓувреме, и покрај нивната ранливост, другите цицачи како кенгурите, лилјаците и глодарите беа во голема мера недоволно финансирани.
Уште еден впечатлив пример на пристрасност може да се најде во светот на влекачите, особено гуштери и змии, меѓу кои над илјада видови се загрозени. Сепак, 87% од средствата за зачувување на рептилите се насочени кон само седум видови морски желки.
Парадоксално, на видовите „најмалку загрижени“ им беа доделени речиси една третина од средствата (29%). Додека 94% од загрозените не добиле никаква финансиска помош.
„Нашето традиционално гледиште за она што е загрозено често не се усогласува со видовите кои се вистински загрозени, што доведува до занемарување на многу помали или „помалку харизматични“ видови“, рече професорката Алис Хјуз.
Врз основа на нивните наоди, истражувачите бараат нов пристап за финансирање на зачувувањето. Иако за овие цели несомнено се потребни поголеми ресурси, итно е потребен поригорозен пристап при изборот на проектите и видовите активности кон кои ќе бидат насочени овие ограничени ресурси.
„Агенциите за заштита и невладините организации мора да ја модифицираат својата филозофија за зачувување за да ги заштитат сите видови, а не само подгрупа врз основа на субјективни критериуми на харизма и убавина“, рече Беноа Гинар.
Не ги пропуштајте вестите и написите за климатските промени кои редовно ги објавуваме.