Температурите на Северниот пол се зголемија за повеќе од 20 степени Целзиусови над просекот за овој период од годината во неделата, 2 февруари, преминувајќи го прагот за топење на мразот со апсолутна температура од -1 степен, објави службата за климатски промени на Европската унија „Коперникус“.
Научниците оценија дека невообичаено благите температури се поврзани со систем со низок притисок над Исланд, кој насочува силен проток на топол воздух кон Северниот пол, објави денеска Гардијан.
Температурите северно од Свалбард во Норвешка веќе се искачија на 18 степени над просекот од 1991 до 2020 година во саботата, според моделите од метеоролошките агенции во Европа и САД, при што вистинската температура е блиску до точката на топење на мразот, на нула степени.
До неделата, температурната аномалија се искачи на повеќе од 20 степени Целзиусови.
„Ова беше многу екстремен настан за затоплување на зимата. Веројатно не е најекстремниот забележан досега, но сепак е на горниот раб на она што може да се случи на Арктикот“, рече Мика Рантанен, научник од Финскиот метеоролошки институт.
Рантанен истакна дека климатолозите ги проценуваат вредностите на глобалната температура преку анализа на податоци од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици, но дека во оддалечените региони како што е централниот Арктик, каде што има помалку локации за директно набљудување, било „тешко да се процени точната температурна аномалија“.
Џулиен Николас, научник во службата за климатски промени Коперник на Европската унија, рече дека невообичаено благите температури во текот на поларната зима се поврзани со системот со низок притисок над Исланд, кој насочува силен проток на топол воздух кон Северниот пол.
Тој додаде дека екстремно топлата вода во североисточниот Атлантик го засилува затоплувањето предизвикано од ветрот, кој носи топол воздух од правец на Исланд.
„Овој тип на настани е релативно редок, но не можеме да ја процениме нивната зачестеност без дополнителна анализа. Свесни сме дека сличен настан се случи во февруари 2018 година“, рече Николас, пренесе Танјуг.
Дирк Ноз, климатолог од Универзитетот во Хамбург, рече дека температурите што се искачуваат над нулата се особено загрижувачки бидејќи го топат мразот.
„Очекуваме Арктичкиот океан да ја изгуби својата летна ледена покривка за прв пат по две децении. Ова најверојатно ќе биде првиот пејзаж што ќе исчезне поради човечките активности, што уште еднаш покажува колку ние луѓето станавме моќни во обликувањето на лицето на нашата планета“, заклучува Нок.
Photo/Freepik