Во објава на социјалните медиуми доцна во вторникот, Трамп дополнително го засили притисокот врз банките да се повлечат од приносите на криптовалутите.
Тоа е клучна точка на сопнување во тековниот спор што моментално го блокира усвојувањето во Конгресот на законот „Clarity“, продолжение на законот „Genius“ донесен минатата година, со кој се воспоставува рамка за регулирани стабилни монети.
„Законот „Genius“ е компромитиран и поткопан од банките, а тоа е неприфатливо“, напиша Трамп во објавата. „Тие мора да склучат добар договор со крипто индустријата затоа што тоа е во најдобар интерес на американскиот народ.“
Акциите на „Coinbase“ во текот на вчерашниот ден пораснаа за дури 15 проценти, додека акциите на „JPMorgan“, „Chase“ и „Bank of America“ паднаа за помалку од 1 процент.
Иако одлуката на Трамп да ја поддржи крипто индустријата би можела да влијае членовите на неговата Републиканска партија во Конгресот, каде што републиканците имаат мнозинство, не е јасно дали неговата поддршка е доволна за да се обезбеди усвојување на законот. Овој потег, исто така, покренува прашања за потенцијални конфликти на интереси, со оглед на тоа што претседателот и неговото семејство наводно заработиле стотици милиони долари преку удели во компании, вклучувајќи ја крипто платформата „World Liberty Financial“.
Спорот меѓу двете индустрии се фокусираше на тоа дали крипто компаниите како „Coinbase“ можат да понудат поврат на стабилни монети. Додека крипто компаниите го гледаат тоа како иновација погодна за потрошувачите што би им овозможила на луѓето да заработуваат пари од неактивни средства, банките предупредуваат дека конкурентски производ би можел да исцеди трилиони долари од нивниот сектор.
Извршните директори на „JPMorgan“ и „Bank of America“, двете најголеми американски банки по имотна вредност, наведоа студија на Министерството за финансии која откри дека банките би можеле да изгубат до 6,6 трилиони долари депозити ако стабилните криптовалути понудат поврат.
Тоа би можело да ги дестабилизира некои банки, особено помалите, и да отстрани витален извор на кредитно финансирање за компаниите низ целата земја.
Банките тврдат дека дозволувањето на помалку регулираната крипто индустрија да дејствува како квази-банкарски сектор би можело да го зголеми системскиот ризик. Крипто компаниите, од друга страна, тврдат дека ризиците се ограничени и дека стабилните криптовалути поддржани од американските државни обврзници би ја зголемиле побарувачката на американски заеми.
„Не може едниот да прави нешто без никаква регулатива, а другиот да прави друго“, изјави извршниот директор на „JPMorgan“, Џејми Дајмон, за Лесли Пикер од CNBC во понеделникот. „Ако тоа се случи, јавноста ќе ја плати цената. Ќе биде лошо.“
Во последните месеци, претседателот беше домаќин на серија состаноци во Белата куќа меѓу двете страни во обид да посредува во договор, но банките, според луѓе запознаени со состаноците, не попуштија.
Сепак, сега тој отворено застана на страната на крипто индустријата.
„Американците треба да заработат пари од своите пари“, напиша Трамп во својата објава. „Оваа индустрија не може да му се одземе на американскиот народ кога е толку блиску до вистински успех.“
Таа јазична формулација е слична на таа што во интервјуа ја користи извршниот директор на „Coinbase“, Брајан Армстронг. „Coinbase“ е најголемата крипто берза во САД и им овозможува на своите корисници да заработуваат приноси преку она што критичарите од банкарската индустрија го нарекуваат „дупка“ во постојните регулативи.
Армстронг, кого банките го сметаат за клучен противник во спорот, се сретна со Трамп во Белата куќа кратко пред објавата на претседателот на социјалните медиуми во вторник, според лице запознаено со состанокот. Деталите претходно беа објавени од Politico.
И банките и крипто компаниите имаат причини да го поддржат усвојувањето на Законот „Clarity“, но не е сигурно дали тоа ќе се случи поради несогласувањата меѓу двете страни. Порано годинава, Трамп се обиде да изврши притисок врз банките да ги ограничат каматните стапки на кредитните картички, но банкарската индустрија имаше доволно поддршка меѓу републиканците и демократите за да го отфрли предлогот.
Тензиите меѓу Армстронг и банкарските директори ескалираа откако извршниот директор на „Coinbase“ јавно ги критикуваше банките за спротивставување на приносите од стабилни ковани валути. Во јануари, за време на случајна средба на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија Џејми Дајмон наводно му рекол на Армстронг дека е „полн со глупости“.