Германската полиција уапси четворица лидери на забранетата екстремистичка група „Кралство Германија“, поврзана со десничарското движење „Граѓани на Рајхот“, соопштија денес обвинителите.
Акцијата следеше откако Министерството за внатрешни работи ги забрани активностите на организацијата, која властите ја опишуваат како „закана за демократијата“.
Меѓу уапсените беше и самопрогласениот „суверен владетел“ на движењето, познат како Питер Ф., објави Ројтерс.
Според обвинителството, групата формирала паралелни државни институции – вклучувајќи сопствена банка, осигурување, печатење „фиктивни документи“ и сопствена валута.
Движењето „Граѓани на Рајхот“, кое не ја признава легитимноста на модерната германска држава и верува дека германската монархија сè уште постои, е под надзор на домашните разузнавачки служби од 2016 година, откако еден од неговите членови уби полицаец за време на рација.
Министерот за внатрешни работи Александар Добриндт изјави дека групата има околу 6.000 членови и дека воспоставила „контрадржава“ во Германија, ширејќи антисемитски теории на заговор и поткопувајќи го правниот поредок на земјата.
Забраната за активностите на групата беше издадена кратко пред денешните апсења.
Како што беше објавено претходно денес, стотици полицајци спроведоа рации низ цела Германија откако полицијата ја забрани групата.
Рациите беа спроведени во седум федерални држави, во објекти поврзани со организацијата и во домовите на нејзините водечки членови, објави Ројтерс.