Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска по повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, 27 јануари, изјави дека ова злосторство никогаш не смее да се заборави и никогаш да не се повтори.
- Тоа беше намерен обид на нацистите да избришат цел народ, да ги убијат сите негови припадници, да уништат се што нѐ потсетува на Евреите. Шест милиони жртви. Злосторството на холокаустот никогаш не смее да се повтори, но постепено, за жал , сеќавањето на Холокаустот бледнее, а злото што се обидува да ги уништи животите на цели народи сè уште останува во светот, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој нагласи дека рамнодушноста е „ѓубриво за зло“ и дека е неопходно „да се надмине омразата што раѓа насилство и убиства“.
„Мораме да ја спречиме амнезијата. И ова е мисија на сите – да направиме се за да не победи злото“, нагласи претседателот на Украина.
Еден ден претходно, Зеленски, заедно со рабини, претставници на дипломатскиот кор и владини претставници, им оддаде почит на милионите загинати за време на Холокаустот.
Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, воспоставен со одлука на Генералното собрание на ОН на 1 ноември 2005 година, се одбележува секоја година на 27 јануари, денот кога советските трупи го ослободија еден од најголемите нацистички логори на смртта, Аушвиц-Биркенау.