Палестинските милитантни групи во Газа најавија дека денеска ќе ослободат тројца заложници, во согласност со условите за прекин на огнот, изјави претставник на Хамас.
Во ослободувањето ќе учествуваат три лица, Саша Александар Труфанов, Сагуи Декел-Чен и Јаир Хорн, соопшти Хамас, пренесе Ројтерс. Групата Исламски џихад, поддржана од Иран, исто така објави соопштение, во кое се наведува дека ослободувањето ќе биде во чест на руско-израелскиот договор.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) изрази длабока загриженост за условите на преостанатите заложници кои ги држи Хамас. МКЦК, која делумно ја олеснува размената на заложници и затвореници меѓу Израел и Хамас, рече дека најновите операции за ослободување ја зајакнуваат итната потреба МКЦК да пристапи до преостанатите заложници, објави „Тајмс оф Израел“.
На платформата „Х“, МКЦК наведува дека заложниците кои беа ослободени минатата недела, како дел од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, „сите изгледаа слаби, кревки и нестабилни на нозе“.
„Постојано повторуваме дека операциите за ослободување и префрлање треба да се извршат на достоинствен и безбеден начин“, нагласи организацијата, наведувајќи дека ќе продолжи со напорите да обезбеди ослободување на сите заложници.
Државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин го критикуваше планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги исели Палестинците од Појасот Газа и да ја преземе територијата, наведувајќи дека на Палестинците мора да им се дозволи да останат на нивна територија.
„Нема депортации, а тоа е една од основните точки. Кој и да се родил и живеел во Газа, мора да остане во својата земја“, рече Паролин во Рим, пренесе Vatican News.
Паролин го повтори долгогодишниот повик на Ватикан за формирање на две држави како решение за израелско-палестинскиот конфликт, објави Ројтерс.