Зеленски: На Киев не му е потребна француската војска

„Вашите деца нема да умрат во Украина. Ако Русија дојде во конфликт со земја на НАТО, вашите деца можат да бидат испратени во една од земјите на НАТО, но тоа ќе биде поинаква ситуација“,  рече Зеленски.

од Бети Божиноска

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина не ѝ е потребна француската армија иако не гледа ништо лошо во предлогот на Макрон да испрати војници на НАТО како и воен и технички персонал за обука на Украинците и да произведува и поправа оружје.

„Не станува збор за присуството на армијата на НАТО во Украина, зборуваме само за процесот на обука, за заедничка работа на специјалистите, за размена на податоци, разузнавачки информации, обука на инспектори итн. И тоа е во ред! Тоа може да се направи во сосема различни области на одбраната. Зборуваме само за тоа да се осигура, во оваа размена на разузнавачки и технички ресурси, Украина да не остане сама, препуштена на себе“, истакна Зеленски во интервју за францускиот телевизиски канал БФМ, додавајќи дека се што сака е Украина да соработува со повеќе од еден или двајца партнери.

Според украинскиот претседател, француската армија може да остане на француска територија.

„Вашите деца нема да умрат во Украина. Ако Русија дојде во конфликт со земја на НАТО, вашите деца можат да бидат испратени во една од земјите на НАТО, но тоа ќе биде поинаква ситуација“,  рече Зеленски.

Тој посочи дека состојбата на фронтот сега е подобра отколку во последните три месеци.

„Имавме потешкотии поради недостигот од артилериска муниција, системи за противвоздушна одбрана, оружје со долг дострел и поради роевите руски беспилотни летала. Завршивме добра работа против руските воздушни сили, ја обновивме ситуацијата на истокот, а руската офанзива е запренал. Што се однесува до Авдеевка, руската војска не го зазеде градот, таа веќе целосно го уништи, а потоа се всели“, објасни тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон на крајот на февруари изјави дека Париз ќе направи се за да ја спречи Русија „да ја добие војната со Украина“ и дека лидерите на западните земји би можеле да ја разгледаат можноста за испраќање војници во Украина, но, како што рече, сè уште не е постигнат консензус по тоа прашање.

По оваа изјава на Макрон, официјалните претставници на многу европски земји нагласија дека такво нешто не доаѓа предвид.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и министерот за одбрана Борис Писториус нагласија дека Германија нема да испрати свои војници во Украина, а Шолц дополнително појасни дека земјите од НАТО како целина нема да го сторат тоа.

Коментирајќи ја изјавата на Макрон, официјална Москва предупреди дека таквиот развој на настаните неминовно ќе доведе до директен воен конфликт меѓу Русија и НАТО.

Слични содржини