download
Пред споменикот на десетте загинати воени резервисти на Карпалак во прилепскиот гарнизон „Мирче Ацев“ денеска се одбележа 14-годишнината од загинувањето на македонските бранители. Тие загинаа на 8 август 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје-Тетово, кога конвојот на АРМ беше нападнат од заседа.

Во спомен на прилепски бранители – Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски цвеќе положија и се поклонија нивните најблиски, пријателите, соборците, претставниците на АРМ, на локалната самоуправа, на институциите, партиите и граѓаните.

– Тие го дадоа нивното утре за ние да го живееме нашето денес, рече меѓу другото во своето обраќање пред присутните потполковник Ѓорѓи Василевски.

Василевски нагласи дека ниту еден војник, ниту командир не може да ги подготви да се носат со човечките жртви.

– Споменикот во касарната не случајно е ставен на крстопат, како што животот е непредвидлив. Во историјата на нашата нација, во сите генерации, постојат такви кои стојат исправено. Тие ги креваат сопствените раце во моментите кога од нив е побарано, облекуваат униформа и го ставаат својот живот во залот на државата, семејството, пријателите, колегите. Од нас се бара да бидеме постојано подготвени, ментално и физички да исчекориме напред. Затоа, за нас припадниците на Армијата и на нашата единица, овој ден и овој споменик не потсетуваат колку е скап влогот кој нашата професија и посветеност го бара од нас, рече потполковник Василевски.

Присутните ја посетија Спомен-собата во кругот на Касарната која ги чува документите и спомените на борците од НОБ, но и на десетте прилепски бранители кои загинаа кај Карпалак во 2001.

Според претседателот на советот на Прилеп, Никола Димески, Прилеп денес и утре со почит се сеќава на своите десет бранители.

– Нека нивната храброст и пожртвуваност за татковината, денес ни бидат водилки за сите решенија кои ќе ги носиме во државата. Да има мир и заедничко разбирање за да не се повторат никогаш вакви воени конфликти, рече Димески.

Цвеќиња беа положени и кај народните херои од НОБ, чиј споменик е во кругот на гарнизонот „Мирче Ацев“, наспроти споменикот на загинатите кај Карпалак.

Централното одбележување на 14-годишнината на прилепските воени резервисти е утре, на денот на нивното загинување, во центарот на Прилеп пред споменикот „Карпалак“./МИА

Слични содржини