Интегрален текст од прес конференција за медиуми- Илија Димовски
 
          Денеска во предпладневниот дел од седницата видовме класичен обид на грубо кршење на деловникот на Собранието на Република Македонија и обид за одземање на најсветото право на пратениците, а тоа е правото на говор и правото на искажана мисла и политички став.

Посебно заради тоа што се работи за обид со кои што не се кршат само пратениците, туку е обид за кршење на над 200.000 граѓани на Република Македонија кои што секојдневно протестираат на улиците и кои што секојдневно апелираат нивните ставови и нивните видувања за политичката состојба во Република Македонија, да бидат јасно, гласно и прецизно искажани во Собранието.

Овој дрзок обид со прекршување и со желба за одземање на правото на збор е досега невиден во Собранието на Република Македонија. Ние сакаме да упатиме апел никој да не се обидува да применува ниту политичко, ниту ефективно насилство во работата на Собранието на Република Македонија, да ја смири нервозата, да го смири своето нетрпение и да дозволи процедурите да си течат така како што досега секогаш во согласност со Деловникот на Собранието на Република Македонија течеле.

Секој обид кој што би одел спротивно на интересите на Република Македонија не може да донесе ништо добро. Ние неколку пати укажавме и официјално и неофицијално, дека имаме информации во текот на претходните пет, шест дена Социјалдемократскиот сојуз  ќе се обиде на ваков или на сличен или на уште подрзок начин да направи грубо насилство врз Собранието и да го измени текот на седницата односно да оневозможи на пратениците да говорат.

Денеска новитет е тоа што видовме дека и ДУИ се приклучи со поддршка на таквата идеја, на таквата иницијатива на Социјалдемократскиот сојуз. Ние јасно им кажуваме дека пратениците според Деловникот мораат да си го искористат своето право на збор, заради тоа што повеќе членови од Деловникот кажуваат дека оваа постапка си е прецизно утврдена.

Согласно член 80, став 2 на Деловникот претресот трае додека не се исцрпи листата на пратеници кои се пријавиле за збор. И ова не може да биде прекршено под ниту едни услови ниту поради ниту една политичка желба или намера на било кој пратеник или на било која група.

Би сакал да потенцирам дека досега во Собранието онолку колку што паметите сите што сме тука никогаш не била прекината расправа онака како што денеска СДСМ се обиде да ја прекине расправата. Повторувам никогаш не била на тој начин прекината расправа во работата на Собранието.

Дополнително конституирањето на Собранието е разработено во цела една глава во Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија. И тука има точка 1, конститутивна седница на Собранието и верификација на мандат. Точка 2, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата. Точка 3, избор на Претседател и потпретседатели на Собрание. Значи си има предвиден редослед по кои што оди седницата. Не може да се бира претседател без да се избере Комисија за избори и именувања, не може да се бира Претседател, без да се верифицира мандатот на пратениците.

Теоретски по оваа логика по која што СДСМ и ДУИ ја застапуваа денеска тие можеа и уште во текот на првата и втората точка кога разговаравме за верификација на мандати и за извештајот за верификација на мандатите да побараа Собранието директно да премине на четвртата точка и без верифициран мандат на пратеници некој да бира Претседател на Собрание.

Дополнително би сакал да го појаснам членот 22 во Деловникот за работа на Собранието. Вели кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисија за прашања за изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Што значи ова, 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собрание и тоа е легално и легитимно и други 20 не истите, исто така имаат право да предложат кандидат и трети дваесет и четврти дваесет и петти дваесет и шести дваесет, но такво исто право има и Комисијата за прашања на избори и именувања. Што значи имањето на кандидат со дваесет потписи не значи одземање на право на други предлагачи, други пратеници или Комисија да достават и свој предлог.  Напротив во Деловникот е разработено процедура што ако има два, три или повеќе кандидати и е појаснето како си оди таа процедура. Значи имањето предлог за претседател, не значи одземање на право на друг субјект за да достави предлог за претседател.

Затоа ние се надеваме дека нервозата која што колегите на СДСМ ја имаат, поради тоа што на оваа седница јавно, јасно и гласно се зборува за целта политичка измама која што ја направија со прифаќање на Платформата, потоа со усогласениот закон за јазици кој што до ден денеска не сакаат да го презентираат пред јавноста. Со прифаќањето на обврската да донесеме на некаква декларација за осуда на геноцид, за која што никој досега не кажувал како и дали постоел. Со прифаќањето на обврската да се дебатира за промена на знаме, грб, химна и така натака, сето тоа се дискутира во Собранието на Република Македонија. Нивната нервоза е од таа причина сакаат како многупати досега да ги скријат работите, да ги поминат на задна врата, да ги пикнат под тепих и се надеваат дека нема да видат граѓаните што направиле и какво предавство на Република Македонија е извршено.

Овој пат тоа никој не е спремен да го дозволи, овој пат и Собранието на Република Македонија ќе дискутира јасно, отворено и гласно за сите прашања, но и граѓаните на Македонија се повеќе и повеќе потенцираат дека Собранието не може да носи одлуки за кои што граѓаните не дале легитимитет пред текот на изборниот процес.

 

 

Слични содржини