Двајца од атентаторите, кои ги извршиле терористичките напади во Париз, биле тинејџери. Ова го пишува весникот “Фигаро”, повикувајќи се на извор од судско-медицинските кругови. Според неговите податоци двајца од терористите биле на на возраст од 15-18 години. Засега информацијата не е официјално потврдена, но не е и демантирана. Уште вчера очевидци на атентатите, раскажуваа за она што се случило и истакнаа дека напаѓачите биле многу млади.
“Фигаро” пишува дека при терористичките напади загинале седум терористи. Шестмина од нив се самоубиле, а еден бил застрелан од полицијата при освојувањето на концертната сала Батаклан. Властите претходно соопштија за осум ликвидирани терористи. Истото беше наведено и во соопштението на Исламската држава, која ја презеде одговорноста за нападите во Париз, пишува Интерфакс. Процесот на откривање на терористите е комплициран поради фактот што телата на повеќето од нив се разнесени, откако тие ги активирале експлозивните појаси.
Француските власти сепак го утврдиле идентитетот на еден од бомбашите самоубијци кој бил дел од масакрот во концертната сала “Батаклан”. Станува збор за францускиот државјанин Исмаил Омар Мостефаи, роден во 1985 година во париското предградие Куркурон и до 2012 живеел во градот Шартр. Веста ја соопшти францускиот пратеник Жан-Пјер Жорж, кој е градоначалник на Шартр. Мостефаи бил идентификуван по отпечатоци на палецот, пронајден од иследниците во концертната сала. Тој и бил познат на полицијата за бројни ситни прекршоци. Се знае, исто така, дека редовно ја посетувал џамијата во градот Лосе, блиску до Шартр. Помеѓу 2004 и 2010 година тој бил осудуван осум пати, но никогаш не бил во затвор. Во 2010 година, тој бил внесен во базата на податоци на тајни служби како човек, посветен на радикален ислам. Се претпоставува дека живеел во Сирија неколку месеци, во текот на зимата 2013-2014 година. При терористичките напади во Париз на 13 ноември загинаа најмалку 129 лица, 352 лица беа повредени, како 99 лица се во критична состојба.