Судовите денеска имаа двочасовен прекин во работата поради протест на дел од судската администрација.
Судските службеници во 10.30 часот ги напуштија судниците и два часа стоеjа пред судовите во знак на протест поради Законот за судска служба, за кој велат дека е полн со нејаснотии. Синдикатот смета дека законот кој е на сила е недоречен, набрзина донесен и неприменлив во практика. Бараат намалување на високите казни и измени во начинот на оценување на работата на службеникот.
(ВИДЕО) Дуел саботажа
Судската администрација се одлучи на протест бидејќи средбите со министерот за правда не придонеле за законот да се смени.
Генералниот секретар на УПОЗ Трпе Дејановски вели дека на штрајк излегле меѓу 80 и 100 отсто од вработените во Основниот суд Скопје 2, Апелациониот, Врховниот и од судовите во источна Македонија.
„Нашите барања остануваат исти. Мора да се изменат рестриктивните и демотивирачки одредби во Законот за судска служба. Сè додека тоа не се случи, ќе преземаме и вакви и други мерки што ни ги дава законот за да можеме да ги оствариме нашите права“, вели Дејановски.
Вработените во Основниот суд Скопје 2 се жалат на ниски плати и лоши услови за работа. Екрем Шабан се жали на партизацијата во судовите.
„Барањата на службениците се судската служба да се регулира посебно, не е тоа обична администрација. Овде не може партиски да се вработуваат. Во службата се потребни судски службеници кои навистина ќе бидат спремни за тоа работно место. Инаку, сега доаѓа список од власта, ќе ги примите тие и тие и готово, а воопшто не знаат што значи еден предмет, немаат претстава“, вели тој.