Според информациите Катица Јанева е гевгеличанка, потекнува од семејство на познатиот судија Делаџаков, кој бил и претседател на основниот суд во Гевгелија.
Учествувала на многу меѓународни тренинзи и обуки. За заменик обвинител во Гевгелија е избрана 2003 година, а минатата година е реизбрана на функцијата Обвинител во гевгелиското обвинителство.
Нејзиното именување е директен предлог на олеснувачите на преговорите. Јанева кај своите колеги важи за професионален и искусен обвинител. работела на случајот на Спаска Митрова за право на старателство на својата ќерка во која беше вклучена и бугарската амбасада и организацијата ,,Радко“.
Денеска оординаторите на четирите најголеми пратенички групи го доставија предлог-законот за Специјалното обвинителство, договорен од работната група со посредство на белгискиот експерт Питер Ванхоуте и амбасадоорите на ЕУ и САД, Орав и Бејли.
Од него се гледа дека ќе се формира ново обвинителство, наречено „Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, кое ќе има посебни простории, неограничен буџет, како и број на заменици обвинители и соработници кои ќе ги бира специјалниот обвинител, односно Катица Јанева, за која има согласност од четирите партии.
Еве дел од предлог-законот:
Нејзиниот мандат ќе биде за неовластеното следење на сите комуникации извршено во периодот помеѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до јавното обвинителство пред 15 Јули 2015.
Јавниот Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство е овластен да презема дејствија и да застапува по предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот Суд на Република Македонија.
Јавниот Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на Јавното Обвинителство, кои вклучуваат:
Учество во судски постапки и започнување каква било судска постапка, вклучувајќи граѓанска и кривична, кои Јавниот Обвинител ги смета за потребни;
Изјавување на жалба против која било одлука на суд по кој било предмет или постапка во која Јавниот Обвинител учествува како надлежен;
Преглед на сите достапни документарни докази од кој било извор;
Добивање на сите безбедносни ослободувања за преглед на доверливи информации и информации кои не се достапни за јавноста; и
Поведување и спроведување на обвиненија во кој било надлежен суд, составување и потпишување на обвиненија, поднесување на информации, и водење на сите аспекти на кои било предмет кој произлегува од овој закон, во името на Република Македонија.
Јавниот обвинител има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Ниту еден јавен обвинител во Јавното Обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот Обвинител на Република Македонија, неможе да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од Јавниот Обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното Обвинителство.
На колегиумите во проширен состав во Јавното Обвинителство на Република Македонија не се повикува и не присуствува Јавниот Обвинител и јавните обвинители во Обвинителството и не се разгледуваат стручни, како и прашања од надлежност на Јавниот Обвинител.
Повисокиот јавен обвинител неможе да поднесе иницијатива ни барање за реферирање на одреден предмет или кривично правен настан до Јавниот Обвинител.
Јавниот Обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител не може да презема истраги и гонење по предмети кои спаѓаат во надлежност на Јавниот Обвинител без негова/нејзина писмена согласност.
Специјалниот Јавен Обвинител ќе бара меѓународна правна помош и соработка по прашања кои се во негова/нејзина надлежност самостојно, согласно закон и ратификуваните меѓународни документи.
Владата на Република Македонија е обврзана да обезбеди финансиски средства за непречена работа на Јавното Обвинителство согласно планот од став (2) на овој член, не подоцна од 35 дена од влегување во сила на овој закон.
Министерството за Правда ќе обезбеди основни простории за работата на Јавниот Обвинител во рок од 3 дена од стапувањето во сила на овој закон, а комплетни просторни услови за Јавното Обвинителство во рок од 35 дена од стапувањето во сила на овој закон.
Просториите од став (5) ќе бидат надвор од објектите на Јавното Обвинителство на Република Македонија со цел да се постигне фактичка и соодветна изтражителска и обвинителска независност.
Функцијата Јавен Обвинител кој раководи со Јавното Обвинителство престанува по завршувањето на сите истраги и гонења кои се во негова надлежност.
Седницата на Собранието на кое треба да биде изгласан законот ќе биде во 13 часот. Потоа се очекува да биде потпишан указ од претседателот Ѓорге Иванов, па да биде објавен во Службен весник, со што ќе стапи на сила.
Попладнето се планира уште една собраниска седница. На неа ќе биде утврден предлогот обвинителката Катица Јанева да биде именувана за Специјален јавен обвинител.
Тој предлог ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, кој ќе ја избере Јанева на новата функција.