Претставниците на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, денеска треба да се сретнат и да разговараат за нерешените прашања, дознава „Мета“. Според нашите информации, тие треба да разговараат за предлог-законот за влада, кој белгискиот олеснувач Питер Ванхауте им го достави минатата недела.

11911139_10205034381035557_2045166158_n

Информациите говорат дека во него се земени предвид сите забелешки на политиките партии. Ставовите, пак, на двете партии и понатаму се непроменети, но во исчекување се на нов модел кој Ванхауте, можеби, го донел по консултациите што ги имаше во Брисел.

Инаку, и двете најголеми политички партии остануваат на своите ставови кога станува збор за изборот на министрите и на замниците-министри. СДСМ инсистира министрите, кои треба да дојдат од нивните редови, да ги имаат сите ингеренции како и другите. ВМРО-ДПМНЕ, пак, мисли дека тие министри треба да имаат само техничка улога. Во однос на замениците-министри, владејачката партија се залага тие да можат да стават вето на секоја одлука на министерот, додека опозициската партија е за ограничување на ветото само за прашања поврзани за изборите.

Се очекува партиите да се договорат и за изборот на преостанатите седум помошници на специјалната обвинителка, Катица Јанева. Тие треба да најдат начин како да го решат тоа прашање по изјавите од Советот на јавни обвинители дека тоа не може да се случи сега и веднаш.

Белгискиот олеснувач ќе инсистира партиите да ги решат спорните прашања до крајот на неделата, кога истекува рокот за затворање на извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.

Во спротивно, на Македонија ѝ се заканува губење на препораката или добивање условена препорака сè до целосна реализација на Договорот од Пржино.

Досега партиите се договорија за изборните закони, а нерешени се и прашањата поврзани со регулацијата на медиумите.

 

META

Слични содржини