Потпретседателот на Собранието и пратеник на ДУИ Рафиз Алити денеска најави инцијатива за, како што посочи, усвојување одлука за отповикување на одлуката за распуштање на Парламентот изгласан на 18 јануари годинава.

largea_rafiz-aliti1432742821

Алити во Собранието разговара за обезбедување потписи од пратеници за поддршка на неговата иницијатива. За таа да стане официјална односно да биде поднесена потребни му се минимум 20 потписи.

Пратеникот на ДУИ рече дека го информирал претседателот на Собранието Трајко Вељаноски дека има иницијатива за која ќе разговара со пратеничките групи. Предложената одлука, според Алити, нема да содржи одложено распушатње на Парламентот односно нов датум за избори, туку ќе се остави простор партиите меѓусебно да се договорат во координација со меѓународните претставници.

Координаторот на ДПА Имер Алиу рече дека тој не разговарал со Алити и оти нема информација за инцијативата, но потсети дека пратениците на ДПА не гласаа за распуштање на Парламентот. Доколку дојде до нив каква било иницијатива тие, според Алиу, сериозно ќе ја разгледаат. За нив се важни гаранциите на странците и тие нема да учествуваат на избори организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Од СДСМ, пак, посочуваат дека тие нема да поддржат иницијатива што ќе содржи нов датум на избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега не ја коментираат иницијативата.

Лиле Поповска од ДОМ вели дека ќе поддржи иницијатива за одложување на датумот за избори, но дека до овој момент таа не ја добила на писмено иницијативата на Алити. Претходно, и ДС соопшти дека би поддржалe поништување на одлуката за самораспуштање на Собранието.

Собранието на Република Македонија, според одлуката што ја донесоа пратениците на 18 јануари, вечер на полноќ трeбa да се распушти со цел одржување предверемни парламентарни избори на 24 април, согласно договорот од Пржино./МИА

Слични содржини