Тројца браќа се вмешани во нападите во Париз, соопштија извори блиски до истрагата, цитирани од француските медиуми, пренесува БТА.
Едниот брат е мртов во нападите, вториот е во притвор во Белгија, без да се знае дали учествувал во нападите или не, а за третиот службите немаат информации. Можно е тој да бил еден од бомбашите самоубијци или да се крие, посочија изворите.
Белгиските власти соопштија дека седум лица се уапсени во полициски акции во Брисел по нападите во Париз. Двајца од напаѓачите живееле во Белгија и се меѓу убиените бомбаши во Париз.
Две возила со белгиска регистрација се пронајдени во Париз од француските иследници, едно во близина на концертната сала „Батаклан”, а другата – блиску до париските гробишта Пер-Лашез, соопшти белгиското федерално обвинителство.
Човекот кој го најмил еден од двата автомобили, бил предмет на проверка во Кабре, Северна Франција, на 14 ноември во 9,10 часот на автопатот А2 во насока кон Белгија. Потоа проверениот автомобил бил откриен во Моленбек-Сен-Жан во доцните попладневни часови, додава обвинителството.
Моленбек е кварт во Брисел, населен главно со имигранти. Таму престојувале сторителите на голем број џихадистички напади, од убиството на командант Масуд во Авганистан во 2001 година до осомничениот за убиствата на четворица луѓе во Еврејскиот музеј во Брисел во мај 2014 година Мехди Нему, пишуваат француските медиуми.
– Од самиот почеток белгиските и француските судски власти активно соработуваат. За забрзување на размената на информации тие одлучија да создадат заеднички истражен тим. Француски истражители во моментов се наоѓаат во Брисел, соопшти белгиското обвинителство.