Здружението на новинари на Македонија не е во војна со никого. Проблемот на СДСМ е што не им се допаѓаат предлозите на ЗНМ за вистински реформи на медиумскиот систем, вели претседателот на новинарското здружение, Насер Селмани, на прашањето дали навистина има војна помеѓу СДСМ и ЗНМ и која е причината за тоа?
– Ние предлагаме системски и одржливи решенија, кои ќе ги ослободат медиумите од притисокот на партиите и на бизнисот. Бараме одговорност за нападите на новинарите и забрана за политичко рекламирање, кое ги претвори медиумите во прапагандно средство во рацете на политиката. Бараме, исто така, институционална автономија на јавниот сервис и професионален медиумски регулатор – вели Селмани.
Тој вели дека наспроти нивниот предлог, кој во суштина бара деполитизација и департизација на медиумскиот систем, политичките партии нудат решенија со кои сакаат да ја заддржат контролата врз медиумите.
Преговорите за медиумите не продолжуваат, се чека Ванхауте да ги свика учесниците
– Предлозите на СДСМ, со кои се предвидува власта и опозицијата да ги поделат местата во Советот на Агенцијата за медиуми и во програмскиот совет на МРТ, се апсурдни, затоа што водат кон поголема партизација и политизација на МРТ и на медиумскиот регулатор. Ваков модел за формирање на управните органи на јавните сервиси и на медиумските регулатори нема во ниту една европска земја. Остануваме на барањето да бидеме вклучени во разговорите. Кога партиите ќе се договарат да ги вклучат новинарите во разговорите, ние сме подготени да учествуваме во процесот – изјави Селамани за „Мета“.
Преговорите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино за проблемите во медиумите денеска нема да продолжат, откако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја напуштија средбата во Клубот на пратениците во Скопје.
Според нашите информации, од канцеларијата на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте до партиите било доставено соопштение дека преговори денеска ќе нема. Засега нема ниту информации кога тие би продолжиле. Од двете македонски партии што учествуваат во преговорите, велат дека тие се подготвени да ги продолжат преговорите, но си ја префрлаат топката за тоа кој прв треба да попушти.
Од СДСМ велат дека не знаат што ќе се случува понатаму и кога ќе продолжат преговорите.
Од ВМРО-ДПМНЕ неофицилно се дознава дека ќе имаат координација за да видат како и дали ќе ги продолжат разговорите, иако напоменуваат дека сакаат Договорот од Пржино во целост да се испочитува.
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ сака да остане во партиските преговори за медиуми.
– Тоа најдобро го знае преговарачот и би апелирал до него да не ја влашува ситуацијата, туку да работи на подобрување на атмосферата во преговарачкиот процес затоа што за тоа е платен – рече Груевски.
Тој истакна дека за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо какво било решение за медиумите што го содржат европските закони.
– Не прифаќаме хибридни решенија – дециден е Груевски.