Денеска во Брисел, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски оствари средба со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпредседател на Европската комисија, Федерика Могерини.

poposki-mogerini-640x360

На состанокот се разговараше за перспективите во евроинтегративниот процес на Република Македонија, во светлина на неодамна објавениот извештај на Европската Комисија. Министерот Попоски ја поздрави продолжената препорака за донесување одлука за почеток на пристапните преговори. Тој ја реафирмираше посветеноста на Владата на Република Македонија за спроведување на преостанатите обврски од политичкиот договор и реформските приоритети во клучните области, истакнувајќи го очекувањето дека остварените резултати во овој домен мора да бидат пресудни за конечно донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори.

„Ние носиме одговорност за успех во политичкиот дијалог и реформите дома. Но ЕУ има одговорност по април да ги отвори вратите за пристапни преговори. Ако сме успешни дома до изборите, а во Брисел се затворат очи, нема да има простор за изговори од било кого“, подвлече Попоски.

На средбата се разговараше и за актуелните случувања во доменот на надворешната и безбедносна политика на Унијата, вклучително и за мигрантско – бегалската криза.

„Македонија ќе помогне во справувањето со бегалскиот бран. Ќе помогнеме и со спроведување на правилата што ги превземаат земјите-членки на ЕУ за засилена гранична контрола, канализирање и регистрација. Предизвик за Европа во моментов е да се најдат сеопфатни решенија кои може да функционираат. Проблем е што во моментот никој во Европа нема подготвеност отворено да каже која е политиката. Очекуваме помошта од европските партнери да биде канализирана кон нашите органи и институции кои директно на терен се справуваат со предизвиците поврзани со граничното обезбедување и контрола и осигурување на безбеден и хуман третман само на бегалците кои потекнуваат од земјите на вооружени конфликти, а кои кај нас доаѓаат од ЕУ“, истакна Попоски.

Слични содржини