По ударот против “Шарлi Ебдо” Областа околу Плоштадот на републиката по втор пат оваа година стана цел на терористички напад. Студената суровост на бомбашите ги шокираше Франција и светот. Франција е во жалост, а вонредната состојба ќе трае три месеци.
Најмалку 13 лица се уапсени во Франција и Белгија вториот ден по крвавите атентати. Француските власти не исклучуваат дека можеби им избегале терористи.
Тројца браќа се поврзани со терористичките акции во петокот. Тие се француски државјани кои живеат во Белгија. Француската полиција издаде потерница за третиот брат, кој е во бегство.
Полицијата го идентификуваше првиот од атентаторите. 29-годишниот Омар Исмаил Мостефаи – е француски државјанин со криминално досие, кој е на списокот на радикализирани муслимани. Уапсени се шестмина негови блиски, меѓу кои татко му и брат му.
Други петмина се уапсени во Белгија во врска со нападите. Еден од нив е човекот кој го изнајмил црниот Фолксваген “Поло” употребен од атентаторите во салата “Батаклан”. Се смета дека токму белгискиот регистарски број ги насочува истражните органи кон оваа трага.
Во меѓувреме хрватската полиција потврди дека едниот од атентаторите влегол во Хрватска и бил регистриран во бегалскиот камп Опатовац на 8 октомври.
“Тој не фигурира во листата на најбарани, затоа што не го забележавме како потенцијално опасен. Човекот поминал низ Грција, каде што исто така бил регистриран, потоа низ Македонија и Србија, од каде продолжил за Австрија и Германија”, објасни портпаролот на хрватската полиција Хелена Биочич.
Француската полиција открила црн автомобил “Сеат”, за кој се смета дека е користен при нападите во рестораните. Автомобилот е пронајден напуштен во париско предградие, што според аналитичарите ја потврдува тезата дека дел од напаѓачите избегале. Во возилото биле пронајдени автомати “Калашников”.