Во кинескиот град Хангжу, во комерцијалната зона Qianjiang Century City, се наоѓа Regent International, масивен станбен комплекс со површина од 260.000 квадратни метри и 39 ката. Овој комплекс е дом на околу 20.000 луѓе, колку едно мало гратче. Вклучува сè што е потребно за живот, болници, училишта, супермаркети, ресторани, спортски сали, базени и трговски центри.
Иако овозможува целосна удобност, предизвикува загриженост за изолацијата, социјалната нееднаквост и психолошките последици од живеењето во затворен систем. Regent International првично беше замислен како луксузен хотел, дизајниран од архитектката Алиша Лу, но подоцна беше пренаменет во станбен комплекс. Има S-форма, зафаќа неколку градски блокови и содржи 5.000 станбени единици. Долните катови се комерцијални, а горните станбени.
Комплексот има соларни панели и системи за собирање и рециклирање дождовница. Наемнините варираат. Најевтините станови, без прозорци, чинат околу 500 јуани (191 евро) месечно, додека луксузните со балкон достигнуваат 4.000 јуани 509 евра. Понудата вклучува сè, од студија до луксузни апартмани, што создава видлива социјална стратификација во самата зграда.
Иако животот во ваков мини-град нуди практичност и сигурност, експертите предупредуваат на потенцијална изолација и губење на врската со надворешниот свет. Богатството буквално расте со катовите, повисоките нивоа нудат поголема удобност и привилегии. Regent International е урбанистички експеримент кој ја замаглува границата меѓу јавен и приватен простор. Тој ги отсликува можностите на модерната архитектура, но и предизвиците на иднината, каде животот може да стане комфорен, но и контролирано изолиран.