📽Австралија го повикува Израел да се откаже од планот за воена контрола на Газа

од Весна Петровска
13 прегледи

Австралија го повика Израел да не презема воена контрола врз Газа, велејќи дека таков потег дополнително ќе ја влоши хуманитарната криза во енклавата.

„Австралија го повикува Израел да не го следи овој пат, што само ќе ја влоши хуманитарната катастрофа во Газа“, изјави министерката за надворешни работи Пени Вонг, објави денес Ројтерс.

Вонг нагласи дека трајното присилно раселување го крши меѓународното право, повторувајќи го својот повик за прекин на огнот, непречен проток на хуманитарна помош и ослободување на заложниците што ги држи Хамас од октомври 2023 година.

Таа рече дека решението за две држави – со Палестинците и Израелците кои живеат еден до друг во мир и безбедност во рамките на меѓународно признатите граници – е „единствениот пат кон траен мир“.

Австралија сè уште не одлучила дали ќе ја признае палестинската државност, за разлика од Обединетото Кралство, Канада и Франција, но рече дека ќе донесе одлука „во соодветно време“.

Објавата дојде откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави во интервју за Фокс њуз дека Израел има намера да преземе воена контрола врз цела Газа, со идеја подоцна да ја предаде територијата на арапските сили, без да прецизира кои земји би биле вклучени.

По вчерашниот состанок на кабинетот за безбедност, кабинетот на Нетанјаху потврди дека е одобрен план за заземање на градот Газа, заедно со обезбедување хуманитарна помош за цивилите надвор од борбените зони, јавува Танјуг.