Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше и се обрати на завршната регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите”.
Конференцијата е во организација на Министерство за труд и социјална политика, како дел од караванот за ментално и економско зајакнување на жените кон комплетна родова благосостојба „Гласна и храбра”, а по повод месец март –месец на жените.
На дводневната конференција која се одвиваше во шест панели дискутираа претставници од државните институции, дипломати во нашата земја, претставници на меѓународни организации и граѓанскиот сектор, а воведни обраќања имаа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и раководителката на канцеларијата на ОН Жени во Северна Македонија, Весна Ивановиќ Кастаред.
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека кога зборуваме за Република Северна Македонија треба да се спомене дека во текот на 2021 година, подготвенa е Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, врз чија основа е подготвен Национален акциски план за родова еднаквост 2022 – 2024 година.
Но, покрај носење на законската регулатива, потребна е доследна имплементација, како и конкретен ангажман околу суштествената сензибилизација во сите сфери, од интимните до професионалните. Сите во својот домен, и лично и професионално мораме да придонесеме кон искоренувањето на родовата нееднаквост.
„Статистиката воопшто не е во прилог на родовата еднаквост. Имено, жените поминуваат три пати повеќе време за активности поврзани со домаќинството од мажите, и имаат многу помалку слободно време обременети со традиционалните родови улоги, кои се силно присутни кај речиси половина од жените, особено кај припадничките на не-мнозинските заедници. Економската зависност дополнително предизвикува дискриминација на жените. Иако работоспособни тие не бараат работа, туку се грижат за семејството и домот. Статистички жените извршуваат 72% од неплатената работа поврзана со грижа за домот, децата, возрасните лица и лицата на кои им е потребна поддршка, а вработените жени со високо образование пак заработуваат 22% помалку од мажите со високо образование. Зад оваа неповолна статистика не се кријат само бројки, туку човечки судбини, личности со име и презиме кои заслужуваат рамноправност и еднакви права“, вели таа.