Мал авион „Супер кинг Б-200“ со часови кружел над аеродромот во Њукасл во Нов Јужен Велс во Австралија, пред итно да слета со исклучени мотори и со кренати тркала, пренесува „Си-ен-ен“.
Пилотот и двајцата патници не биле повредени по слетувањето на авионот, на кој му се случил механички дефект поради кој бил принуден да слета без тркала, директно лизгајќи се по пистата.
На видеото поставено на социјалните мрежи се гледа како авионот се приближува кон пистата без опрема за слетување. Без тркала, кои се поставуваат пред слетување на авионот, тој се спушта лизгајки се по пистата. Според австралиските медиуми, пред да застане авионот се лизгал 500 метри по пистата.
Амбулантни возила и притивпожарни екипи веднаш интервенирале со цел да ги извадат патниците и пилотот од авионот.
Началникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Вејн Хемфри, го пофалил 53-годишниот пилот за успешното слетување, посочувајки дека меѓу патниците нема повредени, па дека дури можеле и веднаш да заминат дома.
„Пилотот направи успешно слетување. Звучеше смирено додека комуницираше со контролорите на летање“, рече тој.
Како што пренесува Си-ен-ен, повикувајќи се на „7њузАвстралија“ авионот пред да слета неколку часа кружел околу аеродромот. Контролорите на летање аплаудирале кога го виделе безбедното слетување на авионот.