🎥 Два камиони се опожарени на северот на Косово, оштетено е и патничко возило, граѓаните вознемирени од детонации

од Илинка Илиоска
44 прегледи

Два камиони се опожарени ноќеска час по полноќ во Северна Митровица, а во тој пожар е оштетено и едно патничко возило. Пожарот најверојатно бил подметнат пожар, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.

Тој изјави дека засега нема осомничени, а истрагата е во тек, но дека не може да соопшти повеќе детали.

РСЕ дознава дека сопствениците на камионот се Албанци кои имаат бизнис на големо во Северна Митровица, додека оштетеното патничко возило е сопственост на Србинот Д.П.

На пожарот кој ги зафатил камионите му претходеле три детонации.

На северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, оваа година беа забележани неколку слични инциденти. На почетокот на јуни изгореа два автомобили на истата локација како и синоќа.

На почетокот на април на припадник на косовската гранична полиција му беше запален автомобилот во Северна Митровица.

На почетокот на март изгоре ресторан во сопственост на тогашната заменик-градоначалничка на Звечан, Наташа Томаниќ. Таа и надлежните соопштија дека постои сомневање дека пожарот бил намерно предизвикан.

Кон крајот на март изгоре зграда во сопственост на Ненад Радосављевиќ, поранешен директор на Секторот за спорт, млади и култура во општина Лепосавиќ. Радосављевиќ тогаш за РСЕ изјави дека верува дека зградата е запалена и дека мотивот за тоа е од политичка природа.

Исто така, кон крајот на 2022 година и почетокот на 2023 година имаше „тренд“ на палење на возила кои земаа таблички на РКС (Република Косово). Инаку, поради прашањето за пререгистрација на возила од српски на косовски регистарски таблички, во ноември 2022 година припадниците на српската заедница ги напуштија косовските институции на север на иницијатива на Српската листа, најголемата партија на Србите. што ја има поддршката од Белград.

Слични содржини