🎥 Истражување: Просечните приходи ќе се намалат за 19% поради климатските промени

од Milan1
299 прегледи

Просечниот приход на луѓето ширум светот ќе се намали за една петтина поради климатските промени до средината на овој век, предупредува новиот извештај на германскиот Институт за истражување на климатските влијанија во Потсдам, објавен во списанието „Природа“ (Nature).

Додека многу делови од светот се изложени на екстремни временски услови, новото истражување предупредува дека влијанието на климатските промени ќе го чини светот – 38 трилиони долари до 2050 година.

Тоа значи намалување на просечниот приход во светот за околу 19 проценти. Тие загуби сега се неизбежни, вели коавторот на извештајот Максимилијан Коц.

„Нашите заклучоци се дека во текот на следните 25 до 30 години, влијанието врз економијата е конзистентно во различни сценарија за емисии, без разлика дали внесуваме податоци за свет со високи или ниски емисии на штетни гасови. Се покажа дека климатските промени, а особено високите температури , влијаат на продуктивноста на работниците, додава Коц.

„И тоа потоа се рефлектира во различни индустрии, но ова влијание е особено големо кај работниците кои работат на отворено. Знаеме и дека влијанието на високите температури врз продуктивноста во земјоделството е многу големо“.

Истражувањето ги разгледува климатските и економските податоци од изминатите 40 години, од повеќе од 1.600 региони ширум светот, кои се користат за проценка на идните влијанија. Оние кои се најмалку одговорни за глобалните емисии веројатно ќе бидат најмногу погодени.

„Регионите на глобалниот југ се најранливи и ќе бидат најмногу погодени од идните климатски промени. Едноставната причина за тоа е што тие региони се веќе потопли од другите“, истакнува германскиот експерт.

Извештајот заклучува дека решавањето и спречувањето на климатските промени би било значително поевтино од елиминирањето на економската штета. Трошоците за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата се само една шестина од 38 трилиони долари колку што ќе биде цената на климатските промени до 2050 година.

Слични содржини