🎥 Седум лица загинаа во руски ракетен напад врз Харкив

од Илинка Илиоска
24 прегледи

Во руски ракетен напад врз станбена зграда во североисточниот град Харкив во Украина се убиени седум лица, а со повреди се здобиле 77, потврдија украинските власти. Градоначалникот на градот, Игор Терехов, рече дека во нападот е убиено едно дете на игралиште и додаде дека од ударот на бомбата се запалила 12-катна станбена зграда и неколку автомобили во близина на зградата.

Потврда дека во нападот е убиено дете пристигна и од украинскиот претседател Володимир Зеленски кој повторно ги повика сојузниците да дозволат Украина да користи оружје со долг дострел за напади на руска територија.

„Нападот немаше да се случи ако нашите одбранбени сили имаа способност да уништат руски воени авиони каде што се распоредени. Нема рационална причина зошто треба да ја ограничиме одбраната на Украина“, рече Зеленски.

Доцна синоќа, пак, украинските сили го гранатираа рускиот град Белгород кој се наоѓа во непосредна близина на руско-украинската граница. Во овој напад загинаа пет лица, а 46 беа повредени. Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, изјави дека меѓу повредените има седум деца и дека загинатите биле цивили.

Слични содржини