Пејачката Селин Дион (56) боледува од синдром на вкочанета личност, а сега откри дека грчевите во мускулите ѝ се толку силни што ѝ се скршиле ребрата. Говорејќи во своето прво телевизиско интервју по нејзината дијагноза, со новинарката Ходи Котб од „Ен-би-си“, Дион рече: „Имав скршени ребра во еден момент затоа што понекогаш е навистина тешко…“
Котб ја праша: „Грчевите можат да бидат толку лоши што може да се скрши ребро?“, на што Дион кимна со главата во знак на согласност.
Исто така, Дион рече дека кога ќе доживее мускулен спазам во грлото, се чувствува „како некој да ја дави“.
„Но, тоа може да биде и во стомакот, во ‘рбетот, во ребрата“, додаде таа, опишувајќи ги грчевите во нејзините раце: „Тие се грчат и не можете да ги поместите“, изјави таа.
Селин Дион се повлече од јавниот живот поради болеста со која се соочува.
Во декември 2022 година, музичката дива сподели дека ѝ е дијагностициран синдром на вкочанета личност, кој ги претвора луѓето во живи статуи. Тогаш таа сподели дека ќе ги откаже концертите од нејзината претсојна концертна турнеја.
„Секогаш давам 100 отсто на моите концерти, но мојата состојба не ми дозволува да ви го дадам тоа сега. За повторно да бидам со вас, немам друг избор освен во моментов да се концентрирам на моето здравје. Имам надеж дека сум на пат кон закрепнување. Ова е мојот фокус и правам сè што можам за да се опоравам. Сакам да ви се заблагодарам за вашите охрабрувачки пораки со љубов и поддршка на социјалните мрежи. Многу ми значат. Чувајте се и бидете добро. Ве сакам и навистина се надевам дека ќе ве видам повторно за многу брзо време. Ви благодарам“, изјави Дион тогаш.
Синдромот на вкочанета личност е ретка невролошка болест со карактеристики на автоимуно заболување. Оваа состојба погодува само еден од милион луѓе, главно на возраст од 20 до 50 години. За жал, нема лек за оваа здравствена состојба, но симптомите можат да се ублажат со соодветни третмани.