🎥Наместо актерите, главната улога во Драмски ја имаат кофите: Љутков на увид на штетите предизвикани од поплавата

од Илинка Илиоска
84 прегледи

По силното невреме кое попладнево го зафати Скопје се поплави и Драмскиот театар во Скопје. Министерството за култура и туризам на Фејсбук објави дека министерот Зоран Љутков вечерва изврши увид на штетите предизвикани од поплавите од дождот.

„Денес бев во Драмски театар на увид на штетите предизвикани од поплавите од дождот. Ако во 2017 година Владата на СДСМ го реализираше проектот за изградба на нов современ објект на Драмски, како што претходно се планираше, денеска немаше да бидеме сведоци на овој потоп. Седумгодишната негрижа за Драмскиот театар не само што стана видлива, туку денеска дождот го онеспособи да биде храм на уметноста. На сцената главната улога од денеска наместо актерите ја имаат кофите“, напиша Љутков на Фeјсбук.

Тој рече и дека нема да дозволи да продолжи понижувањето на уметниците и целосно ќе се вложи на создавањето на достоинствени услови за креативна работа на уметниците.

На фотографиите и видеото што ги објави Љутков се гледа  вода во ходниците, уништен ентериер, поплавени ѕидови, подови и кофи кои ја собираат водата.

Слични содржини