Меѓу прикажаните има дури 31 вида беспилотни летала, вклучувајќи летала со долг дострел, бомбардери, пресретнувачи, извидувачки платформи, јуришни и FPV дронови. Претставени беа и седум ракетни системи, шест роботски платформи за копнено војување, четири средства за електронско војување, четири оклопни возила, три беспилотни поморски системи, како и мобилна купола за противвоздушна одбрана.
„Нашите ракети, нашите беспилотни системи, нашите пресретнувачи, јуришни и поморски дронови, извидувачки системи, артилерија, нашата муниција, оклопни возила, роботски платформи и многу повеќе – сето тоа денес со гордост го нарекуваме ‘украинско оружје’. Тие го штитат нашето небо, нашите градови и села, спасуваат животи и докажуваат дека ‘произведено во Украина’ е синоним за ‘ефикасно и моќно’“, напиша Зеленски.

Според „United24media“, меѓу другото биле претставени крстосувачките ракети „Фламинго“ со дострел до 3000 километри, кои можат да носат бојева глава потешка од еден тон. Претставен е и повеќецевниот ракетен систем „Вилха“ со наведувана муниција од калибар 300 милиметри.
Беспилотното летало „Рута“ има дострел од 300 километри, додека млазниот дрон „Пекло“ може да погодува цели оддалечени до 700 километри. Украина развила и дрон со долг дострел со турбомлазен мотор, наречен „Палјаница“. Јуришниот дрон „Сичен“ има дострел од 1400 километри и бојева глава од 40 килограми, додека дронот „Љутиј“ може да пренесе товар тежок до 75 килограми на растојание од 2000 километри. Дронот „ФП-1“ може да носи бојева глава од 120 килограми до 1400 километри, а дроновите „Морок“, „Барс“ и „Обриј“ имаат дострел од 700 до 800 километри со различни тежини на боевите глави.
Копнените роботски системи, според презентацијата, учествувале во повеќе од 22.000 мисии за само три месеци. Меѓу нив се повеќенаменските системи „RATEL H“, „Termit“, „Lynx“, „Ardal“, „Zmiy“ и „Volia-E“.
Ракетите „Р-360 Нептун“ можат да погодуваат и копнени и поморски цели на далечина до 300 километри, со бојева глава од 150 килограми. За поморско војување се дизајнирани и повеќенаменскиот поморски беспилотен систем „Сарган 3000“ и „Магура V5“, првиот дрон што потопил воен брод.