Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, денеска започна уметничка акција со поставување „Кукла Робот кој предупредува на лажни вести“ во центарот на Скопје.
Оваа уметничка акција, како што појаснуваат, претставува просторна интерактивна уметничка акција и интервенција преку која ја третираме и потенцираме важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции. За жал лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани.
-Преку оваа интерактивна акција во која публиката директно се предупредува за постоењето и намерата на лажните вести, а куклата робот го објаснува начинот на кој тие се презентираат и влијаат на јавноста Центарот за современи уметности директно користејќи ја уметноста и уметничкиот израз активно се вклучува во борбата против лажните вести кои одвнатре го нагризуваат нашето општествто насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци. Самото ументичко дело, односно куклата во своето обраќање до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци кои влијаат на однесувањето на јавноста, водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника и намалување на довербата во медиумите. Куклата робот, исто ги предупредува граѓаните и дека лажните вести се користат и за политичка манипулација и влијание врз јавното мислење.
Самата интерактивна инсталација која е развиена во соработка со младиот уметник Озбек Ајваз, како што се посочува, се состои од кукла која има вградени интерактивни сензори и звучници преку кои куклата ни ја раскажува приказната како да се заштитиме од лажните вести и како да ги раздвоиме лажните и вистинските вести и информации. Акцијата,односно интерактивната скулптурална инсталација е изработена во различен материјал и е со димензии 40 х 90 х 180 см.
Делото е поставено во јавен простор во центарот на градот на влезот на ГТЦ од страната на плоштадот, а во наредниот период ќе биде поставено и на други фреквентни локации каде минувачите ќе имаат можност за кратка интеракција со делото.
Оваа акција подготвена од страна на Центарот за современи уметности се реализира во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, а е поддржана од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.