Откако Италија го објави почетокот на изградбата на најголемиот мост што ќе го поврзува копното на земјата со Сицилија, медиумите објавија детали за цената на патарината.
Имено, мостот што ќе го преминува Месинскиот Проток ќе има најскапа патарина во светот. За да го преминат мостот долг 3,66 километри, граѓаните ќе треба да платат 10 евра.
Италијанската „Ла Стампа“ објавува дека оваа патарина ќе биде за 3.540 проценти поскапа од просечната патарина за италијански автопатишта.
„Иако многумина ќе се прашуваат дали тие 3,66 километри навистина вредат колку цената на една пица, тоа веројатно никогаш нема да се дознае. Мостот не е наменет да се разбере, туку да се плати за преминување низ него“, пишува овој весник.
Да потсетиме дека владата на Џорџија Мелони одобри изградба на мост вреден 13 милијарди евра што би ја поврзал Сицилија со копното на Италија, оживувајќи контроверзен проект за кој Рим сега тврди дека е клучен за националната безбедност.
„Мостот над Месинскиот Проток претставува фундаментална инфраструктура во контекст на воената мобилност, земајќи го предвид присуството на важни бази на НАТО на југот на Италија“, се вели во извештајот на италијанските власти од април, во кој проектот е прогласен за од највисок јавен интерес.