Западот се обидува да започне конфликт во Украина за да води војна со туѓи раце, изјави претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко на средбата со украинскиот политичар Александар Мороз.
„Веќе гледам дека вашите политичари почнуваат да се ослободуваат од општата политика на Западот. Гледате, јас точно знам што му треба на Западот денес, неопходно е да се започне конфликт. Знаете, тие можат да го направат тоа со туѓи раце. Уште подобро е да се борат со туѓи луѓе, нека умрат Украинци, Руси, Белоруси, тоа е далеку“, рече Лукашенко, пренесува „Белта“.
Тој додаде дека Белорусија нема никаква врска со заострувањето на билатералните односи со Украина и води јасна политика во таа област.
„Уште еднаш јавно да ви кажам дека практично немаме никаква врска со влошувањето на нашите односи. Водевме јасна, разбирлива политика за украинскиот народ. Сè уште се држам до таа политика. Ние сме роднини, соседи сме. И нашата иднина треба да се развива на тој начин, како и со нашите соседи“, нагласи тој.
За нападот на Украина
Изјавите дека Белорусија е подготвена да ја нападне Украина, претседателот на Белорусија ги нарече лажни.
„Лага е дека Лукашенко е подготвен да ја нападне Украина, слушајте, никогаш не ми требаше тоа, не ми треба сега. Но, она што вашите власти го прават против Белорусија, генерално е надвор од паметот“, истакна белорускиот лидер.
Враќање на руските трупи
Говорејќи за враќањето на руските војници во Русија по заедничките воени вежби одржани во Украина, претседателот рече дека датумите за враќање ќе бидат одредени кога тој и претседателот на Русија ќе одлучат и кога ќе завршат вежбите.
Истовремено, тој потсети дека Американците префрлаат илјадници вооружени сили во Полска и балтичките држави.
„Погледнете што прават Американците: префрлаат илјадници на нашата граница, директно во Полска и балтичките земји. Британците и другите европски земји ги префрлаат своите вооружени сили. Се поставува разумно прашање: кога ќе ги повлечете војските од таму? Тие не зборуваат за тоа, ни вршат притисок. Ќе ги повлечеме кога јас и претседателот на Русија Владимир Путин ќе решиме да го сториме тоа и кога ќе завршат вежбите. Ќе донесеме одлука за тоа, ова е наша територија“, нагласи Лукашенко.
Од 10 до 20 февруари се оджуваат заедничките воени вежби на Русија и Белорусија „Сојузничка одлучност“. На вежбите се разработуваат прашањата за сузбивање и одбивање на надворешна агресија, како и спротивставување на тероризмот и заштита на интересите на Сојузната држава. Претставниците на Русија и Белорусија во неколку наврати изјавија дека маневрите имаат одбранбен карактер и не загрозуваат никого.
Во последните месеци, Западот ја обвинува Русија за наводни планови за ескалација на ситуацијата околу Украина. Москва тоа категорично го демантира и постојано вели дека никогаш не се заканува, а сите такви изјави се користат како изговор за да се постави повеќе воена опрема на НАТО во близина на границите на Русија.