Јовановска: Медиумите генерално имаат значајна улога во борбата против родово базираното насилство

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Доколку анализираме и само од аспект на родово базираното насилство, земајќи го предвид фактот што се уште се соочуваме со сериозно ниска стапка на пријавување на овие случаи, пред се поради големиот степен на недоверба во институциите, како и несоодветното постапување од страна на истите тие институции, не можеме да кажеме дека живееме во родово еднакво општество. Улогата на медиумите е од особено значење, како во однос на нивното известување за случаите на фемицид, но и начинот на нивно претставување во новинарските извештаи, вели во интервју за „Нова“ Бојана Јовановска, една од авторките на публикацијата „Фемицидот во македонските медиуми“, студија која е објавена по обемно истражување на темата за родово базирано насилство и медиумите.

Според неа, медиумите имаат особено значење и при процесот на прибирање податоци за фемицидите.

-Имајќи предвид дека државата не води официјална статистика за овие случаи, медиумските објави се најчесто многу битна информација за организациите кои се обидуваат да водат неофицијална статистика, со цел да имаме неков увид во овој феномен. Медиумите генерално имаат значајна улога во борбата против родово базираното насилство, пришто моќта на медиумите е широка и повеќеслојна почнувајќи од создавање, обликување и промена на општествени ставови, па сè до културолошко нормализирање и јакнење на одредени однесувања, стереотипи и предрасуди. Моќта на медиумите често се потценува, особено во делот на штетата која несоодветното известување може да ја нанесе врз жртвите на родово базирано насилство и жените генерално, но и за превентивната улога која медиумите треба да ја имаат во оваа сфера. Медиумите треба да бидат главните промотори на родовата еднаквост и преку своето известување да придонесуваат за рушење на родовите стереотипите, а преку известување за родово базираното насилство да ја отелотворуваат својата улога на сојузник во борбата против овој феномен, смета таа.

Слични содржини