Холандската влада денеска одржа итна седница во врска со извештаите дека владејачката коалиција може да се распадне поради односот на холандските власти кон минатонеделното насилство на улиците на Амстердам.
Во нередите на холандските улици учествувале пропалестински демонстранти и навивачи на израелскиот фудбалски клуб Макаби, кои го следеле натпреварот од Лига Европа меѓу тој тим и холандски Ајакс, јавуваат локалните медиуми.
Нора Асахбар поднесе оставка од функцијата помлад министер за финансии, откако некои министри обвинија холандски младинци со мароканско потекло дека ги нападнале израелските навивачи во Амстердам пред и по натпреварот меѓу холандски Ајакс и Макаби Тел Авив на 7 ноември, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на извори кои присуствувале на состанокот на владата, објави Ројтерс.
Насилството беше остро осудено од израелските и холандските политичари, а градоначалникот на Амстердам Фемке Халсема рече дека „антисемитските групи“ ги нападнале израелските навивачи.
Асахбар, поранешен јавен обвинител, роденa во Мароко, смета дека коментарите на неколку министри за настаните од минатата недела ја преминале границата, со навредливи и можеби расистички коментари за нападите врз израелските навивачи, пишува весникот „Де Волкскрант“.
Нејзината оставка беше причина за состанокот на кризниот кабинет на кој другите членови на кабинетот на нејзината центристичка партија Нов социјален договор (НСЦ), исто така, се заканија дека ќе поднесат оставки, објавија телевизиските станици НОС и РТЛ, цитирајќи владини извори.
Доколку НСК ја напушти владата, другите тројца членови на коалицијата би можеле да продолжат да владеат како малцинска влада или да распишат предвремени избори.
Коалицијата е предводена од антимуслиманската популистичка Партија за слобода (ПВВ) на Герт Вилдерс, која освои најмногу гласови на општите избори пред една година, наведува Ројтерс.
Вилдерс постојано изјави дека холандските младинци со мароканско потекло биле главните напаѓачи на израелските навивачи, иако полицијата не соопшти детали за потеклото на осомничените, додава агенцијата.