(ВИДЕО) Сибирски тигар нападна човек

од Milan1
57 прегледи

Кинеските власти упатија предупредување до граѓаните да внимаваат на околината, по ненадеен напад од сибирски тигар. Застрашувачкиот инцидент се случил во провинцијата Хејлонгџијанг на крајниот североисток на земјата.

Се сомневаат дека по овој крај се шетаат два крволочни ѕверови, а засега нема информации за нивно заробување. На социјалните мрежи се појави видео од напад врз земјоделец, кој за чудо го избегнал најлошото.

Локалните медиуми јавуваат дека сибирски тигри досега нападнале две лица, меѓу кои и 65-годишен маж на кого морало да му биде извршена операција на раката.

На видеото од вториот напад се гледа како човек излегува на улица, по што се појавува дивиот ѕвер кој ја урива оградата. Исплашената жртва брзо се повлекува, а тигарот исчезнува во маглата.

Се наведува дека синот на мажот ги известил властите за инцидентот, а мештаните биле предупредени да го заштитат својот добиток и да повикаат помош доколку видат диви животни, пренесува Индипендент.

Сибирските тигри се загрозен подвид и ги има многу малку во природата. Може да се најдат во долините на реките Амур и Усури во регионите Приморски и Хабаровск во Русија, како и во помал број во Манџурија (Кина).

Во просек, тие се долги околу три метри, високи околу 112 сантиметри и тежат меѓу 180 и 300 килограми. Тие не се пребирливи животни, јадат сѐ, од кожа со крзно до коски.

Инаку, ова не е прв случај сибирски тигар да залута во урбана средина. Во декември минатата година, див ѕвер нападна и уби човек кој го шетал своето куче во источен Хабаровск, Русија.

 

Слични содржини