20 студенти добија стипендија, Јаневска побара од магистрантите наученото да го применат во својата земја

од Milan1
20 прегледи

Како држава ја поддржуваме образовната мобилност. Но, ги поддржуваме и политиките на ЕУ за справување со одливот на мозоци, а Владата, преку мултиресорски пристап, креира мерки и активности за да се намали заминувањето на кадрите кои нам ни требаат, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на доделувањето 20 стипендии „Борис Трајковски“ за двегодишни студии од втор циклус во рамки на Пан-европската извршна МБА програма со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур.

Стипендија што го носи името на претседателот Борис Трајковски, како што рече министерката, во знак на почит за човекот кому му беа најважни личниот интегритет, човечката добрина и Татковината, треба да им биде мотив и инспирација на стипендисти да стекнат нови знаења, напредни вештини, иновативни идеи и различни перспективи, кои потоа ќе ги применат во матичната земја.

За да ги поттикне младите и високообразувани кадри да ја видат својата иднина во Македонија, Министерството за образование и наука целосно го реобмислува системот на образование на сите образовни нивоа.

„Завршени се измените на дел од регулативата, ја зајакнуваме основата врз која го градиме образовниот систем. Работиме на усогласување на образованието со потребите на пазарот на труд. Во средното стручно образование веќе имаме успех, во високото образование следи ревизија на квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа за потребите на државата. Тоа повлекува и ревизија на политиките за стипендирање. Подготвуваме регистар за евиденција на сите стипендисти. Кога на ова ќе го додадеме и ставот на Владата дека буџетот за образование и наука од година на година ќе расте, јасно е дека сериозно пристапуваме кон предизвикот да го подигнеме квалитетот на образованието“, укажа Јаневска.

Студиите се реализираат во Солун, Грција, со студиски посети на Универзитетот Јорк во Обединето Кралство и на Универзитетот во Стразбур, Франција. Средствата за уписнина ги обезбедуваат Владата на Република Северна Македонија, преку Министерство за образование и наука и Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.

Слични содржини