Независниот академски синдикат преку соопштение бара од ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски, сенаторите на УКИМ, како и проректорите и деканите како членови на Ректорската управа итно да ја сопрат постапката за избор на ректор во вонредна состојба.
– Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски ја продолжува постапката за избор на нов ректор во услови на вонредна состојба. Нејасно е брзањето за спроведување избори во кратки рокови, кога Уредбата со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба предвидува дека на универзитетските тела и органи кои за времетраењето на вонредната состојба не извршиле избор на нов состав, „мандатот им се продолжува за време на траење на вонредната состојба“. Во време кога поради вонредната состојба кандидатите не можат да ги претстават своите програми, односно гласачите не можат да бидат информирани, а академската заедница е преокупирана со организација на наставата и испитите, нема ни потреба ни услови за спроведување избори за ректор, истакнуваат од Независниот академски синдикат.
Посочуваат дека постапката за избор на ректор мора да се одржи во редовни околности, при што покрај легалноста, треба да бидат обезбедени услови за транспарентност и фер претставување на кандидатите на првите непосредни избори за ректор на УКИМ.