Противејќи се на забраната за собирање на повеќе од шест лица, илјадници луѓе протестираа во Братислава во вторникот на повик на екстремно десничарската партија против ограничувањата наметнати за борба против епидемијата.
„Стоп за ковидистичкиот тероризам! Ние сакаме слобода“, гласеше еден транспарент, додека други повикуваа на оставка на премиерот Игор Матовиќ.
Повеќето демонстранти не носеа заштитни маски, кои се задолжителни на отворено низ целата земја. „Не сакам владата да кажува што треба да правиме“, коментирал Јарослав, таксист (54). „Носете маска, тестирајте се, останете дома, тие само ни наредуваат. Ние не сме животни”, протестираше тој.
Полицијата употреби солзавец кон демонстрантите откако тргнаа во правец на владините канцеларии.
„Матовиќ е вирус“, рече Маријан Котлеба, опозициски пратеник и претседател на крајно десничарската Народна партија (ЛСНС), една од организаторите на протестот.
Во телевизискиот говор во понеделникот, претседателката Зузана Чапутова рече дека Словачка, како и другите земји, „минува низ ситуација што нè обврзува привремено да ги ограничиме нашите слободи и да ги заштитиме долгогодишните важни вредности, особено животот и здравјето“.
Пред десет дена, Словачка ја започна втората фаза на тестирање на коронавирус на државно ниво, по првиот бран тестирање, што покажа повеќе од еден процент позитивни луѓе на 3,6 милиони тестирани.
Словачка прогласи вонредна состојба на 1 октомври во траење од 45 дена, а потоа владата воведе полициски час.