Елевејт глобал доби 100.000 евра од Бизнис Акцелераторот УКИМ

од Vladimir Zorba
347 прегледи

Сто илјади евра и дополнителна континуирана поддршка доби македонската старт ап компанија Елевејт глобал од страна на Бизнис акцелераторот УКИМ-БАУ (http://accelerator.ukim.mk/). Александар Стамболиев од Фондацијата професор д-р Димитар Стамболиев ги повика сите кои имаат идеја да се пријават на отворениот повик за апликации за поддршка на Акцелераторот УКИМ на линкот: http://accelerator.ukim.mk/apply/.

„Поддршката вклучува инвестиции во рана фаза и прилагодени програми за поддршка на бизнисот, вклучувајќи менторство и пристап до меѓународни пазари, фондови, мрежи и заедници. На располагање се целокупното искуство и ресурси на нашите основачи: УКИМ-ИНОФЕИТ, Развојната фондација Кримсон, Друштвото за ревизија РСМ и фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев, кои заедно во соработка со повеќе од 3000 професори од најстариот универзитет во Македонија, 25 ментори – успешни Mакедонци во светот претставени преку Обединетата Македонска Дијаспора и нашите меѓународни партнери ќе Ви помогнат да го остварите својот бизнис потенцијал“, порача Стамболиев.

На денешната онлајн промоција на првата инвестиција, директорот на компанијата Елевејт глобал, Ѓорѓи Маџаров, ја раскажа својата успешна приказна.

„Целата приказна започна пред околу 2 години, кога една идеја на двајца инженери посветени на својата научно-истражувачка работа беше презентирана на локалниот настан BETAPITCH Skopje. Оваа идеја беше препознаена од стручното жири и како најдобра се најде на глобалниот настан BETAPITCH Global. Прва јавна презентација, прв јавен настап, прво искуство и прва меѓународна награда. Потоа се нижеа и другите награди и признанија. Победници на GIST настанот, позицинирање меѓу најдобрите 30 стартап компании на TechTour за Југоисточна Европа се до Merit Winner-Digital Innovation Award од World Information Technology and Services Alliance (WITSA) во конкуренција на иновативни решенија од преку 80 земји од целиот свет. Времето одминуваше, тимот вредно работеше и идејата добиваше свој лик и имплементација. Денес имаме решение подготвено за пласирање на светскиот пазар. Улогата на стартап екосистемот, акцелераторите и фондовите за развој во оваа фаза е клучна и неговата поддршка во процесот на бизнис развојот неминовен за да се постигне посакуваниот успех“, рече Маџаров.

На промоцијата присуствуваа и Фатмир Битиќи – Заменик на претседателот на Владата на РСМ задолжен за економски прашања, Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој и Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ.

Според Битиќи, микро, малите и средни претпријатија, во најголем број, се сржта на секоја економија. „Ако до пред 3 години постојано слушавме дека компаниите се соочуваат со сериозни проблеми во изнаоѓање финансии (access to finance) за отпочнување на бизнис, реализација на нивните бизнис идеи, за унапредување на нивните процеси, за проширување и технолошки развој, сите сме сведоци дека денес тоа не е случај. Во изминатите 3 години креиравме лепеза на можности за младите лица, за креативните луѓе, за веќе оформените компании. Тука би ги споменал грантовите и кредитите за самовработување преку Агенцијата за вработување, потоа мерките од Фондот за иновации и технолошки развој со кои го издигнавме Фондот на навистина високо ниво, а стана препознатлив за поддршка на микро, мали и средни компании, старт ап и спин оф“, рече Битиќи.

ФИТР и Владата на Р. Северна Македонија континуирано ги поддржуваат домашните компании со цел економско зајакнување, отворање на нови работни места и конкурентност на пазарите и во поразвиените земји, додаде Петров.

„Инвестирањето во основање и развој на акцелератори за нас е од особено значење, бидејќи преку нив се овозможува техничка поддршка и финансии за млади луѓе кои ги реализираат своите идеи преку стартап компании, односно брзорастечки бизниси. Фондот во соработка со Светска банка досега поддржа три акцелератори со речиси два милиони евра и 305 стартап компании со вкупно кофинансирање од 17,3 милиони евра. Преку инструментите на ФИТР на корисниците им нудиме средства за почетни инвестиции, но и за инвестиции во сите фази на развој на нивните бизниси“, истакна Петров.

Ректорот Јанкуловски говореше за придонесот на академската заедница во развојот на старт ап пазарот.

„Со формирање на Акцелераторот сакавме да покажеме дека имаме општествена одговорност да му помогнеме на општеството и на човештвото кои се соочуваат со сериозни кризи и предизвици и потребата научните и стручни капацитети на нашиот Универзитет да ги ставиме во функција на општествениот и технолошкиот развој. Нашиот придонес за развој на старт ап компаниите, забрзување на нивниот раст и развој и со помош на останатите содружници, за нивно меѓународно вмрежување и партиципација на глобалниот пазар, се состои од плејада експерти од сите научни подрачја, голем број лаборатории и материјални ресурси со кои располагаме“, рече Јанкуловски.

Бизнис Акцелераторот УКИМ ќе додели две транши на Елевејт глобал: иницијална инвестиција во износ од €25,000 и последователна инвестиција од €75,000. Исто така, БАУ ќе обезбеди и континуирана дополнителна поддршка во менторство на тимот на Елевејт Глобал и поддршка при освојување нови пазари. Средствата остварени од инвестицијата на БАУ ќе помогнат на Елевејт Глобал во нивното тековно работење, маркетинг и развој на бизнисот“.

Слични содржини