Оваа недела, францускиот парламент усвои невообичаен предлог-закон против дискриминација на луѓе кои зборуваат француски со одреден акцент, а законот предвидува и големи парични казни, до три години затвор и 45.000 евра, пренесуваат локалните медиуми.
Со 98 гласа „за“ и три „против“, парламентот го усвои нацрт-законот со кој се забранува исмевање на нечиј акцент.
Законот ќе биде додаден на веќе долгата листа на различни форми на дискриминација содржани во Кривичниот законик и Законот за работни односи.
Така, дискриминацијата врз основа на различен јазичен акцент ќе се казни, како и другите форми на дискриминација – врз расна, етничка и религиозна основа, како и за сексуална ориентација.
Законот беше предложен од пратеникот од јужна Франција, Кристоф Езе, а текстот беше веднаш усвоен во првото читање.
Другите пратеници, особено оние од француските прекуокеански територии, први го поздравија предлогот за ваков закон.
„Донесовме закони против различни форми на дискриминација и сега донесовме закон за заштита на 30 милиони Французи кои зборуваат на нашиот јазик со различен акцент“, рече Езе.
Законот има за цел да ја промовира „различноста на француските изговори и да забрани дискриминација поради акценти, особено во работата“, додаде пратеникот.
Според една неодамнешна анкета, секој втор Французин изјавил дека зборува со одреден акцент, додека четвртина од испитаниците тврдат дека тој редовно и на дневна основа е предмет на потсмев, поради акцентот кој не е како оној во Париз.
Францускиот премиер Жан Кастекс, исто така, стана предмет на потсмев и шега веднаш штом ја презеде функцијата во јули оваа година.
Медиумите тогаш изјавија дека премиерот од југот на земјата дошол во француската влада, а не зборува француски со париски акцент.
Парижаните, како и граѓаните во другите метрополи имаат свој акцент и често го сметаат за „единствен вистински“ акцент на францускиот јазик.