Давид Манзелеј е организаторот на геј-оргијата, прекината во петокот вечерта од полицијата во центарот на Брисел, на која присуствувал унгарскиот европратеник Јозеф Сајер.
„Одеднаш во мојот стан се најдоа еден куп полицајци. Викаа: „Лична карта! Веднаш!‘ Но ние не носевме ниту долна облека, како да им дадеме лична карта? Тоа уште толку ги разгневи полицајците, беа многу лоши и кажуваа многу лоши работи за геј-лицата“, раскажал тој за новинарите на „Het Laatste Nieuws“, кои биле во можност да го видат станот во кој се одржала забавата.
Младото момче изјавило дека редовно организира секс-оргии во својот стан.
„Член на Европскиот парламент? Не знаев. Не го познавам овој човек. На моите забави, секогаш поканувам неколку пријатели, кои пак носат пријатели, а потоа се забавуваме заедно“, истакнал Давид на прашањето дали претходно го познавал европратеникот.
Според него, единствена разлика од неговите забави и обична забава е што понекогаш имаат сексуални односи.
„Не гледам ништо лошо во тоа, сите сме возрасни и согласни. Поканив десет пријатели и тие имаа право да поканат свои пријатели, само под услов тие веќе да го прележале вирусот или да немаат симптоми, не гледам каде е проблемот“, вели организаторот.
Бриселската полиција вчера објави дека е прекината голема оргија во стан во центарот на градот пред неколку дена и дека помеѓу 25-те мажи кои се наоѓале на забавата имало и неколку европски дипломати и еден европратеник.
Подоцна пратеникот сам призна дека станува збор за него. Јожеф Сајер, од партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која е отворено против правата на ЛГБТИ заедницата, по овој настан поднесе оставка. Унгарските новинари пишуваат дека Сајер лично ги напишал уставните амандмани со кои се дефинира брачната заедница исклучиво како заедница меѓу маж и жена.