„Инвестициите во човечкиот капитал се поддеднакво важни како и капиталните инвестиции во градењето на посилна економија“

од Vladimir Zorba
286 прегледи

„Инвестициите во човечки капитал се поддеднакво важни како и капиталните инвестиции. Верувам дека инвестирањето во луѓе е од витално значење за благосостојбата на општеството и за градење на посилна економија. Инвестициите во областа на човечките ресурси се инвестиции во визијата на земјата и имаат директно влијание во економскиот раст, социјалната благосостојба и демократскиот развој на секоја држава”, нагласи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во своето воведно обраќање на свеченото отворање на 12-та годишна конференција за управување со човечките ресурси, организирана од Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции нагласи дека секоја организација, колку и да е добро дизајнирана и управувана, е добра исто колку и луѓето што работат во неа.

„Оваа година беше многу предизвикувачка, особено за менаџерите за човечки ресурси. Нема сомнение дека пандемијата го постави човечкиот капитал како приоритет број еден во скоро секоја организација во светот. Исто така, несомнено е дека Владата на Република Северна Македонија има приоритет на развој на човечкиот капитал, со грижа за луѓето, со охрабрување на компаниите да се грижат за своите вработени и со градење на општество кое се грижи едни за други. Ова е единствениот начин да се издржат лошите времиња и да се направи добрите времиња да траат подолго”, додаде вицепремиерот.

Битиќи посочи дека развојот на човечките ресурси е од големо значење за Владата на Република Северна Македонија.

„Ние не инсистираме на брзи позитивни резултати со инвестирање во нешто што ќе создаде лажна слика за подобрување, работиме да постигнеме резултати што ќе останат присутни во иднина и ќе создадат подобро општество на долг рок”, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Вицепремиерот подвлече дека пандемијата од коронавирусот Ковид 19, предизвика потреси и направи притисок за реструктурирање на процесите во многу области, а ова е време во кое треба да вложиме најголеми напори.

„Тешките времиња се дизајнирани да не направат посилни и да не направат помудри, но исто така тешките времиња ни даваат можност да растеме, да откриваме и да се менуваме. Без оглед како се менуваат околностите, една работа секогаш ќе остане вистинита – нација која научила дека најважно е да се грижиме едни за други, може да надмине било што”, заврши во своето воведно излагање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Македонската асоцијација за човечки ресурси по дванаести пат ја организира годишната конференција за управување со човечки ресурси, која се одржува на 3-ти и 4-ти декември, а на свеченото отворање на конференцијата покрај вицепремиерот се обратија и Боб Мортон, претседател на Светската федерација за луѓе и Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Слични содржини