Извршниот директор на Меѓународната адвокатска комора, Марк Елис, ја отфрли можноста поранешниот косовски претседател Хашим Тачи да избега од притвор во Хаг.
Но, тој исто така оцени дека неговото условно ослободување е малку веројатно поради заплашување на сведоци во минатото.
„Нема апсолутно никаква шанса да избега, ниту пак Тачи ќе го посака тоа. Тој јавно рече дека сака да се брани од обвиненијата. Што се однесува до условната слобода, тоа не беше практика на Судот, но со оглед на загриженоста за заплашување на сведоците во минатото и потребата од нивна заштита, Тачи нема да биде пуштен додека трае судењето“, рече Елис во интервју за „Бота Сот“.
Посочи дека може да има нови обвиненија и додаде дека доказите за воени злосторства на поранешните водачи на УЧК е убедлива, „но ние во моментов влегуваме во правна постапка што бара обвинетиот да биде ослободен, освен ако не се докаже вината“.
Коментирајќи ја изјавата на специјалниот обвинител на Специјалниот суд, Џек Смит, дека Тачи може да биде осуден на доживотен затвор, Елис вели дека е малку веројатно дека тоа ќе се случи, бидејќи доживотните казни затвор за меѓународните судови се невообичаени, а просечните казни се околу 11 години.
„Важно е да се запамети дека Специјалниот суд работи во рамките на косовскиот правен систем, кој ја одредува должината на казните засновани врз кривичното право. Според Кривичниот законик на Косово, казната за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид варира од 15 години до доживотен затвор“, рече Елис.
На прашањето колку може да трае судењето против Тачи и другите, тој рече дека сето тоа зависи од сложеноста на постапката.