По повод Меѓународниот ден на човекови права, Првата детска амбасада во светот, Меѓаши бара итни мерки за намалувањето на загадувањето кое директно влијае на здравјето на децата и нивниот живот.
„Загадувањето на воздухот во урбаните средини е континуирано над европските стандарди и претставува алармантен проблем. Во 2019 година Македонија имаше највисока годишна концентрација на ПМ 2.5 честички во Европа и 3 400 прерани смртни случаи како директна последица од загадувањето.
Енормното аерозагадување во зимскиот период е проблем за 2/3 од децата во државата. Децата се особено ранливи на штетните ефекти од загадувањето на воздухот. Децата вдишуваат поголема количина на воздух а со тоа поголема количина и на штетни супстанции. Тие се подложни на негативните ефекти од загадувањето на воздухот, особено за време на феталниот развој и во најраните години. Респираторните заболувања со години се на првото место во структурата на поединечните групи на болести кај децата, а медицинскиот кадар постојано апелира за негативните ефекти од загадувањето врз здравјето на децата“, велат во своето соопштение.
Децата истакнуваат дека покрај на нивното физичко здравје, аерозагадувањето се одразува и на ментално здравје, им го ограничува секојдневното функционирање и ги принудува да останат во своите домови.
Покрај здравствените, аерозагадувањето има и сериозни економски последици. Така, анализите на Светска банка укажуваат дека аерозагадувањето ја чини државата од 500–900 милиони долари годишно.
Во изминатите години беа донесени повеќе национални и локални стратешки документи за подобрување на квалитетот на воздухот. Најголем дел од предвидените активности во нив се насочени кон минимални рестриктивни мерки во делот на сообраќај и кон субвенции за промена на начинот на загревање на домаќинствата. Најголем дел од овие мерки не се спроведени, а само мал дел се во фаза на изработка/подготовка.
Македонија, како потписник на бројни меѓународни документи за заштита на човековите права, вклучително и Конвенцијата за заштита на правата на децата има обврска да ги почитува, заштитува и унапредува условите за реализација на човековите права на децата. Оваа обврска бара државата да преземе соодветни законски, административни, буџетски, судски и други мерки во правец на целосна реализација на правата на децата. Во таа насока, ја повикуваме државата да ги исполни обврските во однос на почитување на основното право, правото на живот воведувајќи итни мерки за намалувањето на загадувањето кое диретно влијае на здравјето на децата и нивниот живот.
Децата имаат право на живот! Бараме итни мерки за намалувањето на загадувањето на воздухот.