Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи,имаше обраќање и сесија за прашања и одговори со европратениците-членови на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент-АФЕТ.
Османи пред членовите на Комисијата даде детален осврт за текот на имплементација на клучните реформи во земјата, како и нашата посветеност на градење мостови на добрососедство, регионална и меѓународна соработка, со цел овозможување видлива и достижна европска перспектива:
„Ако европска дефиниција за напредок на една земја е: да успее да го обнови духот на аспирации и отвореност, континуирано да презема чекори за консолидирање на нејзината демократија, да ги негува и надградува меѓуетничките односи, да го врати владеењето на правото и институционалната доверба, да ја зголеми транспарентноста на процесите на донесување одлуки, да успее да воспостави соодветна контрола и рамнотежа над извршната власт и да стане фактор на стабилност во регионот преку надминување на отворените билатерални прашања, тогаш Северна Македонија, согласно сите критериуми, недвосмислено заслужува одржување на Првата меѓувладина конференција со Европската Унија до крајот на оваа година, по одлуката на Советот во март 2020 година за почеток на пристапните преговори, одлука донесена без дополнителни услови за нашата земја“, истакна Османи.
Настапот на шефот на дипломатијата пред првите луѓе за надворешни работи на Европскиот парламент и долгата дискусија со европратениците, беше во функција да побара поддршка и поттик за Северна Македонија за да продолжи позитивниот тренд на промени, со цел јасна и чиста визија за земјата, да отпочне преговори за идно членство во Европската Унија.
„Јас, како политичар, не верувам во замрзнати конфликти, само во замрзнати решенија! Потребен ни е рецепт за успех, а не за катастрофа. Целта во разговорите со соседна Бугарија е да се врати довербата во процесот, да се надминат предизвиците кои произлегуваат од различните толкувања и да се најдат точки за приближување и заедничко обележување на историски настани и личности. Меѓусебното почитување и разбирање треба да бидат основа на секое вистинско пријателство. Така гледам на овој проблем, така и ќе го надминеме, со дипломатија и дијалог“, нагласи Османи.
Министерот пред пратениците ги презентираше и реформските постигнувања на земјата во изминатиот период, притоа, искористувајќи ја можноста да информира за обновениот и зајакнат фокус во испорачувањето резултати од областа на владеењето на правото и борба против корупција во првите 100 дена на владеењето на новата влада.
На состанокот на Комисијата беше презентиран и првичниот драфт од Резолуцијата на Европскиот Парламент за прогресот на земјата, подготвен од известителот, европратеникот, Илхан Кјучук, во кој се поздравува убедливиот и доследен напредок на Северна Македонија во евро-интегративниот процес.